Путин му понудил на Бајден руската армија да го контролира Авганистан од своите бази!

од Vladimir Zorba
192 прегледи

За време на самитот во Женева, рускиот претседател Владимир Путин му предложил на американскиот лидер Џо Бајден да ги координира активностите поврзани со Авганистан, пренесува весникот „Комерсант“ повикувајќи се на свои извори.

Според написот, рускиот лидер предложил да се ангажираат воени бази во Таџикистан и Киргистан со цел да се контролира ситуацијата во Авганистан. Целта би била размена на информации со употреба на беспилотни летала од руски бази.

Според еден од изворите на весникот, Американците веројатно би го прифатиле тој предлог да не се залагаат за реализација на други задачи. Во секој случај, одговорот од американска страна сè уште не пристигнал.

Специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмај Калилзад одби да ги коментира информациите.

Според „РБК“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков потврдил дека Авганистан е тема за време на самитот во Женева, но тој не прецизира дали има разговори за руски бази во Централна Азија.

Да потсетиме, рускиот лидер Владимир Путин во мај изјави дека Русија работи на зајакнување на својата воена база во Таџикистан. 201-та воена база во таа земја е најголемиот руски воен објект надвор од нејзините граници. Сместена е во два града – Душанбе и Бохтаре. Според договорот, потпишан во октомври 2012 година, базата ќе се наоѓа во Таџикистан до 2042 година.

Руската воздухопловна база „Кант“, која е активна од 2003 година, се наоѓа во Киргистан и регионот Чуи. Таму се сместени авиони Су25 и хеликоптери Ми-8МТВ.