Путин на Денот на победата: Русија ќе стори се за да спречи глобален конфликт

од Nikola Popovski
231 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го честитал Денот на победата во Втората светска војна, велејќи дека Русија ќе направи се за да спречи глобален конфликт, но и дека нема да дозволи никој да му се заканува.

На почетокот на церемонијата што и претходи на воената парада на Денот на победата во Москва, Путин рекол дека руските стратешки сили се во постојана готовност, пренесе РИА.

„Нашите татковци и дедовци ја штитеа татковината и го уништија нацизмот, ги ослободија народите во Европа. Русија ја почитува храброста на сите војници на антихитлеровската коалиција. Во првите години од Големата патриотска војна, СССР сам се бореше против нацизмот, бидејќи цела Европа работеше во корист на Хитлер“, истакнал Путин.

Рускиот претседател оценил дека „оние кои се навикнати суштински да градат колонијална политика“ на лицемерие и лаги, „се обидуваат да ја искриват вистината“ за Втората светска војна.

„Тие ги уриваат спомениците на борците против нацизмот, соработници на нацистите кои сега се на пиедесталите, го бришат сеќавањето на херојството и благородноста на војниците-ослободители, на големата жртва што ја дадоа во име на животот“, посочил Путин, додавајќи дека Денот на победата ги „обединува сите генерации“.

Путин ги нарекол херои руските војници кои учествуваат во војната во Украина, нагласувајќи дека „цела Русија“ е со нив.

Путин на церемонијата на Црвениот плоштад во Москва дошол придружуван од лидерите на Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан, Куба, Лаос и Гвинеја Бисао.

Слични содржини