Рускиот претседател Владимир Путин не ги покани шефовите на странски држави во Москва за годинешното одбележување на Денот на победата над фашизмот на 9 мај, соопшти денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков им рече на новинарите дека тоа е „празник на цела Русија, на сите Руси“.
На минатогодишната прослава со воена парада на Црвениот плоштад присуствуваше само претседателот на Таџикистан, Емомали Рахманов.
За време на прославата на 65-годишнината од Денот на победата во Москва во 2010 година, војници од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција и Полска маршираа заедно со руски војници, за прв пат заедно, за да ја одбележат годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа.
Француски, американски, британски и полски војници маршираа пред Кремљ, како дел од најголемата парада организирана од Русија од распадот на СССР, со припадници на воените сили на поранешните советски републики и повеќе од 10.000 руски војници. На церемонијата на Црвениот плоштад присуствуваа повеќе од 20 странски лидери.