Неодамнешната контраофанзива на украинската армија нема да ги наруши плановите на Русија, рече Владимир Путин, за првпат коментирајќи ги најновите случувања на фронтот.
За само шест дена, украинската армија ја врати контролата над речиси 8.000 квадратни километри територија во областа околу Харков на исток.
Путин вели дека не се брза и дека руската офанзива во регионот на Доњецк се одвива според планот.
Тој потсети и дека Русија се уште не ги ангажирала сите расположливи сили.
„Нашата офанзива во Донбас не запира. Напредуваме, побавно, но постепено заземаме се повеќе и повеќе територии“, рече Путин по самитот во Узбекистан.
Индустриската област Донбас во источна Украина е главна цел на Русија од почетокот на инвазијата.
Претседателот Путин, без докази, тврди дека на населението што зборува руски во источна Украина му се заканува геноцид.
Во 2014 година, проруските сепаратисти окупираа дел од Донбас.
Регионот Харков, каде што украинската армија започна контраофанзива, не е дел од Донбас.
Путин истакна дека само дел од руската армија моментално се бори во Украина и се закани со „посериозен“ одговор од Москва доколку продолжат нападите на Киев.
„Морам да ве потсетам дека целата руска армија во моментов не е ангажирана. Се борат само професионалци“.
Досега Русија официјално не и објавила војна на Украина, а инвазијата официјално ја нарекува „специјална воена операција“.
Но, по неодамнешните загуби на Русија, некои провладини коментатори повикаа на мобилизација на повеќе војници.
Неодамна се појави видео на кое се гледа како основачот на приватната воена група Вагнер се обидува да регрутира осуденици во руски затвор.
Путин ретко ја напушта Русија од почетокот на инвазијата во февруари.
Овонеделната посета на самитот на Шангајската организација за соработка во Самарканд, каде што тој се сретна со кинескиот лидер Кси Џинпинг, ја нагласува неговата потреба да ги негува врските со азиските земји откако беше избегнуван од Западот.
Но, дури и таму, водачите изразија загриженост за инвазијата.
„Ова не е време за војна“, му рече на Путин индискиот премиер Нарендра Моди.
Претходниот ден Путин навести дека дури ни Си Џинпинг не ја одобрува војната.
„Ги разбирам вашите прашања и грижи“, му рекол Путин на кинескиот лидер.