Рускиот претседател Владимир Путин рече дека на самитот со американскиот лидер во Женева се дефинирани клучни позиции во кои двете земји би можеле да се зближат. Постојат работи што се апсолутен приоритет и кои ги интересираат двете земји, рече Путин, додавајќи дека Бајден е професионалец кој не пропушта ништо.
„Ги дефиниравме насоките и точките каде што можеме да зборуваме за можна конвергенција на позициите во иднина. Постојат работи што се апсолутен приоритет и интерес и за нас и за САД“, рече Путин само еден ден по состанокот со неговиот американски колега во Женева.
Тој изјави дека ова го вклучува и прашањето за ограничување на трката со вооружување.
Рускиот претседател рече дека сликата за американскиот претседател Џозеф Бајден создадена од медиумите нема никаква врска со реалноста.
„Сакам да кажам дека сликата за претседателот Бајден создадена од медиумите, и нашата, па дури и американската, нема никаква врска со реалноста“, рече Путин.
Како што додаде, Бајден е професионалец и мора да се работи со него многу внимателно за да не се пропушти нешто.
„Тој едноставно не пропушта ништо, бидете сигурни“, рече рускиот претседател.
Според него, американскиот претседател прави сè вешто. Тој ја оцени атмосферата на преговорите како добронамерна.
„Тој (Бајден) е концентриран, знае што сака да постигне и тоа го прави многу вешто, тоа веднаш се чувствува. Но, во сето тоа, атмосферата беше добронамерна“, рече Путин.
Путин, исто така, рече дека смета дека на Бајден ќе му се дозволи да работи и дека ситуацијата што постоеше во руско-американските односи во изминатите години нема да се повтори.
„Се надевам дека нема да биде како претходните години и дека ќе го остават да работи во мир“, рече тој.