Путин побарал следната недела да започне масовната вакцинација во Русија

од Nikola Popovski
154 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин побарал од вицепремиерката Татјана Голикова следната недела да започне масовна вакцинација против коронавирусот.

Рускиот претседател објавил дека руската индустрија е подготвена за општа вакцинација.

„Знам дека два милиони дози се веќе произведени во нашата земја или ќе бидат произведени во наредните денови, а производството на првата регистрирана вакцина во светот против вирусот ќе го достигне тоа ниво. Ова ни дава можност да започнеме, ако не со масовна, тогаш со големи вакцинации на, како што веќе се согласивме, две ризични групи – лекари и просветните работници. Ако мислите дека сме подготвени за тој чекор, тогаш би ве замолил да ја организирате својата работа, така што до крајот на следната недела, да започнеме со големи вакцинации“, рекол Путин.

Руската вицепремиерка Татјана Голикова соопштила дека постојат можности за почеток на масовна вакцинација во декември.

„Ги проценивме нашите можности. Сега ги сумираме резултатите. Имаме можност да започнеме со масовна вакцинација во декември“, изјавила таа за време на состанокот со Путин.

Како што изјави таа, во моментов се прави проценка на приоритетните групи на население, во која се вклучени лекарите и просветните работници.

Голикова додала дека вакцинацијата ќе биде бесплатна и на доброволна основа.

Вакцината „Спутник V“ произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот Фонд за директни инвестиции на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот.

Русија има уште една регистрирана вакцина „ЕпиВакКорона“ од центарот „Вектор“, а третата е во подготовка.