Путин потпиша: Се составува список на непријателски земји

од Nikola Popovski
274 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин потпишал указ за примена на контрамерки против земјите кои презеле непријателски активности против Русија.

Документот е објавен на веб-страницата на Кремљ и како што е наведено е донесен со цел да се заштитат интересите и безбедноста на Русија.

Според тој документ, ограничено е склучување на договори за вработување и други слични договори меѓу дипломатски мисии, конзуларни претставништва, претставници на државни органи на странски држави кои презеле непријателски активности против Русија и физички лица на територијата на Русија.

Претседателот ѝ наложил на владата да состави список на непријателски земји, како и да го одреди бројот на физички лица со кои дипломатските мисии на тие земји можат да склучат договори.

Договорите во врска со физички лица кои ја надминуваат квотата утврдена од владата ќе бидат раскинати.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков потврдил дека мерките се однесуваат на дипломатските мисии, а не на деловни кругови и инвеститори.

САД неодамна прогласија десет руски дипломати за персона нон грата, а Полска го стори истото веднаш, протерајќи тројца вработени во руската амбасада во Варшава. Ним им се придружи и Велика Британија.

После тоа, премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, на 17 април објави дека Прага се сомнева дека руските разузнавачки служби се одговорни за експлозијата во магацинот за муниција во селото Врбјетице во 2014 година.

Истиот ден, чешкиот министер за надворешни работи Јан Хамачек рече дека неговата земја протерала 18 руски дипломати.

Руското Министерство за надворешни работи нагласи дека изјавите за вмешаност на руските разузнавачки служби во експлозијата во Врбјетица се апсурдни, неосновани и измислени, а и тие возвратија со протерување чешки дипломати.

Слични содржини