Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да испорача енергенси на Европа доколку има интерес за тоа, но истакна дека Москва истовремено ги зголемува испораките на нафта и гас на оние што ги смета за „сигурни партнери“. Меѓу нив, ги спомена Унгарија и Словачка, пишува Daily News Hungary.
Зборувајќи на состанок за состојбата на глобалните пазари на нафта и гас, Путин изјави дека Русија ќе продолжи да ги снабдува своите „сигурни договорни страни“. „Не мислам само на партнерите во Азиско-пацифичкиот регион, туку и на земјите од Источна Европа, како што се Словачка и Унгарија“, рече тој, додавајќи дека Москва веќе ги зголемила испораките до своите „сигурни партнери“ во неколку региони низ целиот свет.
Испораките на нафта за Унгарија беа прекинати на 27 јануари. Украина тврди дека не може да го рестартира нафтоводот „Дружба“ поради руските напади и бара прекин на огнот за да се поправи. Од друга страна, владата на Орбан верува дека „Дружба“ престанала со работа поради политичката одлука на Зеленски да предизвика недостиг на гориво пред унгарските избори.
Путин се сретна со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во Москва минатата недела и рече дека Унгарија ќе продолжи да добива гас и нафта сè додека не се променат нејзините политики. Многумина во Унгарија ги протолкуваа овие зборови како закана. Доколку гласачите го соборат премиерот Орбан од власт на 12 април, Русија повеќе нема да ја смета Унгарија за „сигурен партнер“ и ќе прекине со испораките на нафта и гас.
Според турската медиумска агенција Анадолу, Путин додаде дека ЕУ планира да воведе дополнителни ограничувања за купување руски јаглеводороди, вклучително и течен природен гас, и дека се очекува целосна забрана за такви испораки до 2027 година. „Наместо да чекаме да ни ја затворат вратата пред лицето, мора да дејствуваме сега, да ги пренасочиме тие количини од европскиот пазар кон поатрактивни дестинации и, што е најважно, да воспоставиме упориште таму“, изјави Путин.
Сепак, тој стави до знаење дека Москва останува отворена за соработка со европските земји во снабдувањето со енеренси, нагласувајќи дека соработката ќе зависи од сигналите од европските престолнини за нивната подготвеност да работат без политички размислувања. „Ако европските компании и клиенти одеднаш одлучат да се преориентираат и да ни понудат долгорочна, одржлива соработка без политички мотиви, нека биде така. Ние никогаш не сме одбиле соработка и сме подготвени да соработуваме и со Европејците“, рече Путин.
Рускиот претседател, исто така, изјави дека светските цени на нафтата се зголемиле за повеќе од 30 проценти во последните недели, истакнувајќи дека Москва постојано предупредува дека обидите за дестабилизација на Блискиот Исток неизбежно ќе го загрозат глобалниот енергетски сектор. Путин рече дека логистичките проблеми на транспортните правци ги нарушуваат глобалните синџири на снабдување и ја поттикнуваат инфлацијата, истакнувајќи дека приближно една третина од светскиот извоз на нафта по море минува низ Ормутскиот теснец, кој сега е „практично затворен“.
„Производството на нафта што зависи од теснецот ризикува целосен прекин во следниот месец. Веќе почна да опаѓа, а складиштата во регионот се полнат со нафта која е невозможно, или исклучително тешко и скапо, да се испорача“, изјави тој додавајќ дека цените на гасот исто така растат, според негово мислење дури и побрзо од цените на нафтата, поради намалените залихи на течен природен гас од Блискиот Исток.
Путин истакна дека во сегашните услови конкуренцијата меѓу клиентите за стабилни извори на енергија се интензивира, додавајќи дека руските енергетски компании одамна се познати по својата сигурност и стабилност. Арапските производители на нафта од Заливот го намалија производството бидејќи сировата нафта се натрупува во складиштата поради затворањето на Ормутскиот теснец. Танкерите генерално го избегнуваат тесниот воден пат поради нападите на САД и Израел врз Иран и загриженоста дека Техеран би можел да ги таргетира бродовите што минуваат низ рутата.