Путин: Русија го гарантира извозот на жито од Украина

од Vladimir Zorba
250 прегледи

Русија гарантира непречен премин на бродовите кои превезуваат украинско жито и може да обезбеди негов извоз преку пристаништата што ги контролира, како Бердјанск и Мариупол, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Тој рече дека Русија не го попречува извозот на житни култури од Украина и дека тоа може да се направи преку црноморските пристаништа и соседните земји.

„Што се однесува до украинскиот извоз на жито, ние не поставуваме никакви пречки за тоа“, нагласи Путин, пренесе ТАСС.

Тој во интервју за ТВ каналот „Русија 1“ рече дека тоа е можно и од пристаништето Одеса под контрола на Киев, кога Украина ќе ги „исчисти водите од мини“.

Киев може да извезува жито и по копнен пат, а најлогичен начин е Белорусија, но за таа земја треба да се укинат санкциите на Западот, изјави Путин.

Рускиот претседател потсети и дека проблемите на глобалниот пазар на храна започнаа во февруари 2020 година, а причините за енергетската криза лежат во кратковидната политика на Западот.

Зборувајќи за проблемите со храната на глобалниот пазар, тој меѓу причините ја наведе „кусовидната политика на европските народи, а пред се Европската комисија во енергетската сфера“.

„Европејците не го слушаа нашето силно барање за одржување долгорочни договори за снабдување со природен гас со европските земји и почнаа да ги затвораат. Многумина се уште се во сила, но почнаа да ги укинуваат. Ова имаше негативно влијание на европскиот енергетски пазар и цените почнаа да растат“, изјави рускиот претседател, пренесе ТАСС.

ОН предупредија дека особено африканските земји, кои увезуваа повеќе од половина од нивната потрошувачка на пченица од Украина и Русија, се соочуваат со „невидена“ криза предизвикана од конфликтот.