Русија треба да ги зголеми напорите на полето на вештачката интелигенција, иако се уште е чекор понапред од многу земји, изјави рускиот претседател Владимир Путин на конференцијата „Патување во светот на вештачката интелигенција“.
„Во одредени насоки во тој дел сме чекор понапред од некои други земји. И ние мора нужно да ги зголемиме нашите напори во таа област“, посочи Путин.
Според него, достигнувањата во областа на вештачката интелигенција во голема мера ќе го одредат идното место на Русија во светот.
„Значењето на откритијата во областа на вештачката интелигенција е огромно. Ривалството меѓу земјите е многу жестоко. Местото на Русија во светот, нашиот суверенитет, безбедност и богатството на нашата земја зависат од резултатите што ќе ги постигнеме“, рече Путин.
Рускиот претседател посочи дека задача во наредната деценија е да се овозможи вештачката интелигенција да се воведе во масовна употреба, да ги опфати сите сектори на економијата, социјалната сфера и системот на државната управа.
Тој додаде дека денес Русија има научни достигнувања, уникатни истражувачи на тоа поле кои „создаваат пробивни технологии на новата ера“.
„Според мислењето на меѓународните експерти, Русија е еден од глобалните лидери во областа на дигитализацијата на државните услуги, таа е меѓу првите десет во светот“, рече Путин.