Рускиот претседател денеска по повод „Панамските документи“ изјави дека нема елементи за корупција и дека противниците на Русија се обидуваат да ја натераат Москва на послушност, пренесуваат британските медиуми.
Шефот на Кремљ ова го кажа коментирајќи ги протечените документи од панамската адвокатска канцеларија „Мосак-Фонсека“.
– Нашите противници, пред се, се загрижени заради единството и консолидацијата на руската нација, нашиот мултинационален руски народ. Тие се обидуваат да не протресат одвнатре, да не направат попослушни, тврди Путин.
ТАСС пренесува дека рускиот претседател на собир во Санкт Петербург кажал и дека е горд на пријателството со музичарот Сергеј Ролдугин, кој се споменува во „Панамските документи“.
– Горд сум што имам таков човек меѓу пријателите. Горд сум на него генерално. Тој ги потроши речиси сите пари што ги заработил за набавка на музички инструменти од странство и ги донел во Русија, рече Путин./МИА