Рускиот претседател Владимир Путин го започна главниот говор за неговите планови за војната во Украина, речиси една година по инвазијата на неговите трупи. И покрај загубите на бојното поле, неговите сили сè уште контролираат околу една петтина од земјата.
За време на говорот се очекува тој да ги изнесе своите размислувања за светот и економскиот напредок на Русија.
На почетокот на говорот Путин рече дека Русија во моментов се соочува со „многу тешко“ време и дека денешното обраќање се одржува во „многу тежок контекст“. Путин продолжи да објасни зошто Русија ја започнала, како што рече, „специјалната воена операција“, обвинувајќи ги Западот и НАТО дека јавно зборувале за испорака на нуклеарно оружје во Украина пред руската инвазија.
Тој го обвини Западот дека „игра валкана игра“ со луѓето и со Украина. Тој ги спомна Југославија, Ирак и Сирија и „вековниот колонијализам и диктатура“.
Наведе дека Западот го измамил сопствениот народ со „целосни непринципиелни лаги“ за тоа што се случува во Донбас. Во обид да ја одбрани својата „специјална воена операција“ во Украина, рускиот претседател вели дека неговите војници работеле на „обезбедување безбедност“ во „историските области“ на земјата. Тој тврди дека Украинците чекале Русите да им „дојдат на помош“ и дека неговите сили направиле „се што е можно“ за „мирно да го решат овој проблем“.
Путин го обвини Западот за „бескрајна серија обвинувања против Русија“ на неодамнешната безбедносна конференција во Минхен и рече дека „Западот го пушти духот од светилката“ како резултат на војните. Потоа го обвини Западот за повеќекратни државни удари.
Тој додава дека Русија сака „да ги заштити луѓето и да ги заштити нивните домови“, а го обвинува Западот дека сака „бесконечна моќ“.
„Тие потрошија 150 милијарди долари за воена поддршка на режимот во Киев. Западните лидери ѝ даваа на Украина финансиска и воена помош во текот на целиот конфликт, а САД вчера објавија пакет помош од 500 милиони долари“, рече рускиот претседател.
Како што често се случува во неговите говори, Путин одржа и лекција по историја, велејќи дека во триесеттите години на минатиот век, Западот ги отворил вратите за нацистичка Германија, а тоа се враќа уште подалеку во минатото. Ја спомена и Австро-Унгарија.
Тој наведе дека Западот го поддржал „антидржавниот удар“ во Украина во 2014 година. Истакна дека една од единиците на украинската армија е именувана по германска нацистичка единица и дека „оние кои се на власт решаваат да замижат пред тоа“.