Путин во Сочи ги смирува лидерите на Ерменија и Азербејџан

од Nikola Popovski
186 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Сочи беше домаќин на мировниот состанок на лидерите на Ерменија и Азербејџан, во обид да се реши долгогодишниот територијален спор меѓу двете поранешни советски републики.

Путин, на состанокот со Никол Пашинјан, премиерот на Ерменија поддржан од Москва, рече дека целта е да се обезбеди мир и стабилност и да се деблокира сообраќајната инфраструктура за да се помогне на економскиот и социјалниот развој на Ерменија.

Ерменија и Азербејџан со децении се во спор за регионот Нагорно-Карабах, кој е населен главно со Ерменци, и се отцепија од Азербејџан, што доведе до војна во 1990-тите со 30.000 жртви.

Разговорите на Путин со Пашњан и со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев се однесуваат на спроведувањето на мировниот договор од 2020 година, постигнат со посредство на Русија.

Пашинјан денеска изјави дека ќе инсистира Азербејџан да ги повлече своите трупи од руската мировна зона во Нагорно-Карабах и да побара слобода за ерменските воени заробеници. Се разговарало и за продолжување на рускиот мировен мандат, пренесоа руските државни новински агенции.

За време на шестнеделната војна во 2020 година, Азербејџан повторно зазеде големи делови од Нагорно-Карабах и соседните територии што ерменските сили ги држеа со децении. Во тие битки загинаа повеќе од 6.700 луѓе. Русија тогаш распореди околу 2.000 војници во регионот како мировници.

Ново насилство изби во септември годинава, кога на двете страни загинаа повеќе од 200 војници. Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за избувнувањето на конфликтот.

Русија, која е главен сојузник и спонзор на Ерменија, има воена база во Ерменија, но одржува добри односи и со Азербејџан.

 Фото: Сергей Бобылёв, ТАСС