Путин: Војната ќе продолжи се додека Киев не се согласи на договор

од Radmila Tasevska
1,2K прегледи

Русија ќе продолжи со „специјална воена операција“ во Украина се додека Киев не се согласи на договор што ќе ја земе предвид загриженоста на Русија за сопствената безбедност, истакна денеска рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека целите на војната ќе се остварат „со добро или со сила”.

Одговарајќи на прашања на традиционалната годишна прес-конференција, Путин рече дека целите во Украина не се променети и дека руските сили презеле иницијатива на бојното поле.

„Главните цели остануваат денацификацијата, демилитаризацијата и украинската неутралност. Мирот ќе завладее кога ќе ги постигнеме тие цели. Што се однесува до демилитаризацијата, ако тие (Украинците) не сакаат договор, тогаш ние сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени. Или ќе се договориме за одредени параметри (големината и силата на украинската армија) или тоа ќе го решиме со сила“, предупреди Путин.

Тој рече дека украинските сили кои ја преминале реката Днепар биле запрени.

Путин вели дека опаѓа ентузијазмот на Западот за воена и финансиска помош за Украина, но засега верува дека Киев ќе продолжи да ја добива.

Тој повтори дека главната причина за конфликтот е проширувањето на НАТО кон исток до руските граници, вклучително и желбата на Украина да се приклучи на Северноатлантскиот сојуз.

„Сето ова доведе до оваа трагедија… Не принудија нешто да преземеме“, рече Путин.

Тој ја отфрли можноста за нова мобилизација, велејќи дека таа не е потребна во моментот.

Рускиот претседател рече и дека се надева на договор што ќе доведе до ослободување на двајца Американци приведени во Русија, пред се новинарот Евван Гершкович, кого руското правосудство во четвртокот одлучи да го држи во затвор.

„Сакаме да постигнеме договор“, додаде Путин.

Тоа е прв пат по неколку месеци Путин јавно да се огласи за притворувањето на американски државјани во Русија.

Слични содржини