Путин забрани изнесување на девизи од Русија

од Nikola Popovski
242 прегледи

Откако Руската Федерација се најде под влијание на економските санкции какви не се паметат во модерното време, првиот контра-напад на Западот пристигна денеска од Кремљ.

По средбата со неговите најблиски соработници од областа на економијата, претседателот Владимир Путин потпиша указ за примена на посебни контрамерки насочени кон САД и земјите што им се приклучија, вклучително и Европската унија. Мерките може накратко да се сведат на забрана за изнесување на девизи од Русија.

Мерките, како што соопшти Кремљ, предвидуваат дека сите учесници во надворешно-трговската размена се обврзани да продадат 80 отсто од девизите добиени од странство од 1 јануари годинава. Правилото, како што е наведено, важи и за средствата кои се веќе акумулирани: тие мора да се продадат во рок од три дена.

Понатаму, забрането е давање девизи од руски жители во корист на нерезиденти според договорите за заем.

Исто така, се наведува дека руските жители повеќе нема да можат да плаќаат девизи на нивните сметки отворени во банки и организации во странство, како и да плаќаат без отворање банкарска сметка користејќи електронски платежни средства достапни за странските даватели на платежни услуги (се мисли на банките).

Дополнително, до 31 декември годинава, јавните акционерски друштва ќе можат да ги откупат своите пласирани акции (освен купување на пласирани акции со цел да се намали нивниот вкупен број) само под одредени услови.

Според Кремљ, мерките се применуваат со цел да се заштитат националните интереси на Русија.