Дали Германија стана земја на незаинтересирани и демотивирани вработени? Според најновата студија, минатата година е забележан рекорден број на вработени кои го работеле само она што е потребно, без никаков дополнителен ангажман.
Истражувањето на Институтот Галуп за „Gallup Engagement Index 2024“ покажува дека емоционалната поврзаност, лојалноста и довербата во финансиската иднина на работодавачот драстично се намалиле.
Уделот на вработени кои се емотивно високо поврзани со својот работодавец паднал на рекордно ниско ниво од 9% – во 2023 година, овој удел беше 14%. Само половина од вработените сакаат да останат кај својот сегашен работодавец повеќе од една година, а нешто повеќе од една третина планираат да останат повеќе од три години. Дури 78% од вработените сега го работат само она што треба, што е значително зголемување во споредба со 67% во 2023 година, пренесува германската агенција dpa.
Загуби поради „внатрешно напуштање“
Според студијата, речиси два милиони вработени помалку од минатата година работат со целосен ангажман, користејќи ги своите „раце, срце и ум“. Галуп проценува дека економските загуби поради намалената продуктивност предизвикана од „внатрешно откажување“ изнесуваат помеѓу 113 и 135 милијарди евра – нешто помалку од претходната година.
„Слабата емоционална поврзаност ја поттикнува подготвеноста на вработените да ги променат работните места, додека проценката на пазарот на труд се повеќе се одвојува од економската ситуација“, вели Марко Нинк, еден од авторите на студијата. „И покрај многуте лоши вести во последните месеци, вработените во Германија продолжуваат позитивно да ги оценуваат своите шанси на пазарот на трудот, што секако е поврзано со недостигот од работна сила и стручњаци што се чувствува секој ден.
Податоците укажуваат на длабок скептицизам
Иако некои компании успеаја да го намалат „внатрешното откажување“ со насочени мерки, тие не успеаја да ја зајакнат мотивацијата на вработените. Целта треба да биде да се создаде мотивирачка лидерска култура која поттикнува емоционална поврзаност, а со тоа зголемување на перформансите и конкурентноста.
Сепак, сегашниот тренд оди во сосема погрешна насока: само 21% од вработените им веруваат на своите менаџери – што е пад од 20 процентни поени од минатата година. Во 2019 година, ова учество беше 49%. „Податоците укажуваат на длабок скептицизам и чувство на отуѓеност кај вработените“, се истакнува во студијата.
„Gallup Engagement Index“ се подготвува од 2001 година.
За најновата анкета, телефонски интервјуирани се 1.700 вработени по случаен избор над 18 години во периодот од 18 ноември до 20 декември. Резултатите се репрезентативни за вработените во Германија постари од 18 години.