Климатските активисти и синдикатите на „црниот петок“ протестираа низ Европа и светот пред магацините на Амазон, компанија во сопственост на еден од најбогатите луѓе во светот, која честопати беше критикувана за лошите работнички права и недоволно платените даноци.
Амазон, корпорација na Џеф Безос со седиште во Сиетл, беше критикувана од активисти за климата за, како што тврдат, прекумерната потрошувачка што и штети на животната средина.
Синдикатите, пак, ја обвинуваат компанијата, која се фокусира на е-трговија, за прениски плати, ужасни работни услови и задушување на работничките здруженија.
Амазон е вториот најголем работодавач во САД по Волмарт, со 1,3 милиони работници на кои Безос им се заблагодари во јули по неговото вселенско патување „бидејќи тие платиле за сето тоа“.
Американската корпорација беше критикувана и од американскиот претседател Џо Бајден претходно оваа година, велејќи дека користела „различни дупки во законот за да избегне плаќање федерален данок на доход“, наспроти средната класа, која плаќа 20 отсто, пренесе Ројтерс.
„Црниот петок олицетворува опсесија со прекумерна потрошувачка што не е во согласност со зачувувањето на планетата погодна за живот“, рече активистичката група Extinction Rebellion откако го блокираше пристапот до 13 магацини на Амазон во Велика Британија.
„Амазон и слични компании ја искористија нашата желба за удобност и ја поттикнаа дивата потрошувачка на сметка на природниот свет“.
Групата блокираше магацини и во Германија и во Холандија.
Extinction Rebellion тврди дека Амазон испушта повеќе стакленички гасови од држави со средна големина. Сепак, сопственикот Безос зборуваше на климатската конференција COP26 во Глазгов претходно овој месец, велејќи дека неговото патување во вселената го променило неговиот поглед на светот.
„Гледајќи ја Земјата одозгора, атмосферата изгледа толку тенка, светот е толку конечен и кревок“, рече Безос, а потоа вети 2 милијарди долари за зачувување на природата.
Форбс во април напиша дека богатството на Безос во пандемијата, помеѓу јануари 2020 година, пораснало за 86 милијарди долари.
Амазон, кој го донесе „црниот петок“ во Британија во 2010 година, објави дека ја сфаќа својата одговорност „многу сериозно“.
„Ова вклучува посветеност на нула емисии до 2040 година – десет години пред крајниот рок утврден со Парискиот договор, одлични плати и придонеси во безбедно и модерно работно опкружување и поддршка за десетици илјади мали британски компании кои продаваат во нашата трговија. Знаеме дека има уште многу да се направи“, се додава во соопштението.
Синдикатите низ најголемите европски економии ги повикаа работниците во магацините и возачите да штрајкуваат поради неправедно ниските плати во Амазон.
Во Германија, најголемиот пазар на корпорацијата по САД, синдикатот Верди објави дека 2.500 работници на Амазон излегле на штрајк во Рајнберг, Кобленц и Грабен.
CGT, еден од најголемите француски синдикати, исто така ги повика работниците на Амазон на штрајк, а тие се одржуваат во Италија, Индија, Камбоџа, САД и Турција, меѓу другите.
Коалицијата „Make Amazon Pay“ (Направете Амазон да плати), која ги обединува синдикатите во Соединетите држави, Европа и Азија, рече дека бара „Амазон да ги плаќа своите работници праведно и да го почитува нивното право да се приклучуваат на синдикатите, да плаќаат фер износ на даноци и да се посветат на еколошката одржливост“.