Укинувањето на даночно ослободување за придонесите уплатени во третиот пензиски фонд ќе предизвика несигурност за сите кои се членови на доброволните пензиски фондови

од Nikola Popovski
283 прегледи

Уште на самиот старт од примената, измените на Законот за личен доход во делот на доброволното пензиско осигурување, кај работодавачите создадoa бројни дилеми. Укинувањето на даночно ослободување за придонесите уплатени во третиот пензиски фонд, работодавачите велат дека ќе предизвика несигурност за сите кои се членови на доброволните пензиски фондови како и на оние кои верувале во овој вид инвестирање во иднината.

-Пред се и за жал, единствениот континуитет во деловниот амбиент е дека продолжува правната несигурност, но тоа ја продлабочува и недовербата на бизнис заедницата vis a vis владините реформи. На бизнисот му е јасно дека недостасуваат пари во буџетот, но не би требало на овој начин да се водат фискалните и даночните политики. Особено незадоволство са јавува во финасискиот сектор, а патем се провлекува и чувството на нефер позиција кон оние компании кои досега вложувале во вработените и нивните вложувања во политиките за задоволство на вработените, вели за „Локално“, Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

На сличен став е и Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачи на Македонија. Според неа ваквите даночни измени не само што ќе создадат недоверба во овој вид штедење туку ќе доведат до намалување на бројот и износот на уплатените придонеси што на крајот ќе влијае и на намалување на приходите по пензионирање.

-Несомнено, компаниите ќе направат анализа и погодени од сите овие даночни оптеретувања ќе ги стават на кантар, од една страна оптеретувањата по однос на даноци, а од друга страна начинот на наградувањето на своите вработени. Овој вид на мотивирање и задржување на вработените ќе биде се помалку интересно за вложување. Сите ние и работодавачите и работниците сакаме да вложуваме во иднината, но во сигурна и загарантирана иднина, а не во непредвидливи услови на функционирање. Сите овие фондови не би успеале да се издигнат без стимулација и поддршка од институциите, а токму тоа го добивавме со даночното олеснување. Секако дека идните осигуреници ќе имаат недоверба во овој вид на штедење кога истото се темели на долгорочно вложување, а честите законски измени не влеваат сигурност ниту кај работниците, ниту кај работодавачите, децидна е Трајковска.

Универзитетската професорка Јадранка Мршиќ не го доведува во прашање можното влијание на измените во законот за личен доход врз другите два пензиски столба, но ситуацијата според неа видно може да се измени во случај на намален интерес за овој вид штедење.

-Промените во регулативите што се прават треба да бидат во функција на исправање на констатирани недостатоци при имплементација на системот во реалното окружување или при драстична промена на претходно проектираните демографски и економски параметри, но не и со укинување на стимулации воведени за поттикнување на доброволното пензиско штедење заради успешно функционирање на трите столба кои заедно го сочинуваат пензискиот систем, рече Мршиќ во вчерашното интервју за „Локално“.

К.В.С.

Слични содржини