Њу Делхи е еден од најзагадените градови во светот, кој со години се бори со опасно нискиот квалитет на воздухот. За да се стави крај на штетните емисии, челниците на индиската престолнина решија на радикален чекор.
Имено, од 1 април годинава, автомобилите на бензински и дизел мотори веќе нема да можат да полнат гориво на бензинските пумпи!
Ограничувањето се однесува на возила на бензин постари од 15 години и на дизел возила постари од 10 години.
Одлуката ја потврди министерот за животна средина Манџиндер Синг Сирса, кој рече дека бензинските пумпи низ градот ќе бидат опремени со технологија која ќе ја детектира староста на автомобилите.
За спроведување на мерката, владата има намера да користи камери со вештачка интелигенција на бензинските пумпи за да ја идентификува староста на возилата. Овие камери, кои во моментов се користат за проверка на сертификатите за контрола на загадувањето (PUCs), може да се користат и за проверка на староста на возилата. Во наредните месеци се очекува сите бензински пумпи да ја инсталираат оваа технологија, пишува Timesofindia.
Градот има околу 24 милиони жители, а се проценува дека со оваа одлука директно ќе бидат засегнати 100.000 возила.
Нивните сопственици мора да донесат одлука дали да ги продадат своите стари автомобили, да ги избркаат надвор од градот или едноставно да се префрлат на алтернативни начини на транспорт.
Министерот се надева дека со оваа одлука ќе се зголеми употребата на електрични или хибридни возила.
Овој потег е во согласност со наредбата на Врховниот суд од 2018 година за забрана за користење на дизел и бензински возила во градот, но и покрај постојните ограничувања, многу такви возила продолжуваат нормално да сообраќаат во градот. Пресудата на Националниот суд од 2014 година забрани паркирање на возила на бензин и дизел постари од 15 години на јавни места.