Британската тинејџерка Ема Радукану стана првиот квалификант кој стигна до финалето на Гренд слем победувајќи ја Гркинката Марија Сакари со 2-0 (6-1, 6-4) во полуфиналето на УС Опен, пренесе Ројтерс.
Радукану одбрани седум брејк топки во нејзините први два сервис гема и ги искористи трите двојни грешки на Сакари на патот до водство од 5-0 во првиот сет.
Со брејк во вториот сет, Сакари се бореше со пет брејк топки во скоро 10-минутниот седми гем, но 18-годишната Радукану се одбрани, го приведе натпреварот до крај и влезе во финалето каде ја чека годишната Канаѓанка Лејла Фернандез.
Канадската тенисерка ја победи белоруската претставничка Арина Сабаленка со 2:1 во сетови (7:6, 4:6, 6:4) во претходно одиграното полуфинале.
Ниту Фернандез ниту Радукану не беа носители, така што ова ќе биде прв ваков дуел во историјата на Опен ерата. Пред да дојде во Њујорк, Фернандез беше 73 -та, а Радукана 150 -та на ВТА листата.
Британската јавност со ентузијазам го следеше настапот на Радукану, која стигна до четвртото коло на турнирот во Вимблдон, потсетува Ројтерс. Таа, исто така, имаше силна поддршка од публиката од трибините на стадионот „Артур Еш“, и стигна до финалето без да загуби сет.
„Уште кога бев во Њујорк, од првиот квалификациски натпревар, имав неверојатна поддршка, а вие ме „натеравте“ да се чувствувам како дома“, рече Радукану пред присутните.
Радукану сега има можност да стане првата Британка што освоила Гренд слем турнир по Вирџинија Вејд која го освои Вимблдон во 1977 година.
Пред женското финале, кое се игра в сабота, денеска на програмата се полуфиналните натпревари во машка конкуренција, во кои ќе спорат канадскиот претставник Феликс Оже Алијасим и Русинот Данил Медведев, како и светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ и германскиот тенисер Александар Зверев.