Раиси: Иран ќе продолжи мирно да ја развива својата нуклеарна програма

од Radmila Tasevska
169 прегледи

Иран ќе продолжи да го користи своето легитимно право за мирно развивање на својата нуклеарна програма, без разлика дали другите земји се обидуваат да се мешаат во тој процес, изјави денеска иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

– Земјите со нуклеарно оружје се обидуваат да го спречат иранскиот народ да го оствари своето легитимно право на мирен нуклеарен развој, но нека знаат дека ние ќе се залагаме за нашите права, рече Раиси за време на состанокот со амбасадорите на земјите кои имаат дипломатски претставништва во Техеран.

Според него, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) издаде 15 официјални соопштенија во кои се вели дека нуклеарната програма на Техеран е во согласност со мирниот развој, но и покрај тоа, таа „не стои на своите изјави“.

– Ние не се оддалечивме од преговарачката маса и нема да го сториме тоа. Секогаш преземавме чекори за да ја објасниме нашата позиција и на МААЕ и на земјите кои се подготвени да слушаат како Иран ќе ја користи нуклеарната енергија. Иако ја прифатија нашата логика, прво ни наметнаа војни, а згора на тоа и санкции. Ниту војната ниту санкциите не можеа да го спречат Иран да ги постигне своите цели, додаде Раиси.

Генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси претходно изјави дека размислува да го посети Иран во февруари или март за да разговара за понатамошниот развој на нуклеарната програма, велејќи дека Иран значително го намалил производството на високо збогатен ураниум, иако продолжува да ги зголемува резервите на ураниум збогатен до 60 проценти чистота.

Ураниум збогатен над 90 проценти чистота може да се користи за производство на нуклеарно оружје.

Слични содржини