Ралев за „Локално“: Во Скопје се случи тоа што никој не смееше да го дозволи – личните или интересите на групи да бидат над интересите на градот и неговите граѓани

Идеалите на Скопје се Љубљана, Виена или Загреб - не би одел подалеку, вели професорот и архитект Мишко Ралев

од Nikola Popovski
480 прегледи

СДСМ вчера објави уште еден дел од кандидатите за локалните избори, по состанокот на Извршниот одбор на партијата. Помалку изненадувачки, за кандидат за градоначалник на Скопје, лидерот на партијата, Венко Филипче, ја најави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова. Екс-министерката за животна средина ќе биде противкандидатка на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во трката за градоначалник на Скопје.

Покрај Шукова, во тесна трка за кандидат на СДСМ за Град Скопје беше архитектот и професор Мишко Ралев. Во разговор за „Локално“ вели дека бил поканет од СДСМ, т.е. од неговиот претседател Филипче да се кандидира за местото градоначалник на Скопје со нивна поддршка, што е своевидна чест затоа што, како што вели, јас не сум партиски член.

-После сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана. Една од причините вие веќе ја наведовте, а тоа е мојата професија – архитект и професор, а секако и мојот однос кон родниот град напластен низ генерациите на моето старо скопско семејство, истакна Ралев.

Архитектот потенцира дека токму архитектите се оние кои го испланирале и испроектирале модерното и современо Скопје и кои имаат знаење техника и вештина и понатаму тоа да го прават доколку им се даде потполна доверба како што тоа беше и во минатото.

-Еве да се потсетиме, зашто многумина не знаат или заборавиле дека во периодот помеѓу двете светски војни на градоначалничкото место се наоѓал Јосиф Михајловиќ Јуруковски по професија архитект. Во негово врме се носи првиот Генерален урбанистички план според кој Скопје ја добива модерната урбана форма и се разбира архитектура. Тогаш се развива десната страна на реката Вардар, се гради монументалната зграда на железничката станица, се оформува улицата „Македонија“ на која се надоврзува плоштадот со важните објекти на Официрскиот дом, Народната Банка, Метропол, се гради малиот ринг на кој се Градската болница, и Парламентот, а од инфраструктурните објекти можеби е најважна  Акумулацијата и хидроелектраната Матка. И тоа за само 12 –тина години. Потоа се разбира повоената изградба на Скопје со домашни и странски архитекти. И секако на крајот е постземјотресната изградба на Скопје во која се вклучува и ОН со светските авторитети Циборовски, Доксијадис, Кензо Танге, кој кај обичните жители претставува Крале Марко на Скопје, а на кои им се придружува една нова генерација на домашни архитекти школувани во Македонија на УКИМ, објаснува архитектот во разговорот.

Запрашан дали на главниот град „му има спас“ после сите катастрофи кои ги доживеа изминативе дваесетина години – од Скопје 2014, преку огромниот број неплански градби до пренаселеност и генерална некултура, Ралев посочува дека градовите се „живи“ организми кои се моделираат спрема цивилизациските дострели на сопственото население. Под тоа мислам, додава соговорникот, на техничко-технолошкиот степен на развој на општеството, интелектуано-образовното ниво и секако политиката која може и не мора да ги прати претходните квалитативни критериуми.

-Во периодите кога политиката и техниката и науката биле во хармонизирана кохабитација се раѓале позитивните резултати. Сепак, доаѓаат и такви времиња кога политичката нота во управувањето се одвојува и евидентно настануваат диспропорцијални релации како во физичкиот така и во социјалниот простор. Секако просторните атрибути се тука да останат еден подолг временски период многу подолг од еден обичен човечки живот и затоа непрмислените градежни активности ќе имаат далекусежни последици. Но, секако дека не треба да се очајува, креативноста на граѓаните и стручните лица имаат сила да ги ублажат овие состојби. Сепак, и најголемиот оптимист мора песимистички да размислува за да ги пофаќа сите минати и идни активности во насока на подобрување на градот воопшто. Со други зборови на Скопје треба да му се врати љубовта на неговите граѓани, за да тие го чувствуваат за свој, а кога тоа ќе се постигне (за што знаеме дека е можно од блиското минато) тогаш ќе имаме заедница која ќе се грижи за „својот град“, истакнува архитектот.

Околу констатацијата дали политиката и партиските калкулации (во самиот Совет на Градот) го доведоа Скопје до оваа очајна состојба, Ралев се согласува дека тука лежат дел од причините за лошата состојба на градот и неговите лоши перформанси.

-Се случи тоа што никој не смееше да си го дозволи личните или интересите на една група или групи да бидат над интересите на градот и неговите граѓани. Тоа никогаш не се случило и тоа е ретрограден и нецивилизиран однос на примитивно покажување и докажување на моќ и тоа деструктивна, констатира професорот.

-Не би се сложил, сепак сите ние извадивме вредни поуки од тоа што ни се случува, вели Ралев како одговор на прашањето дали доколку опозициски кандидат победи на овие избори, можеме да очекуваме слична слика и во наредните 4 години.

На прашањето кои се најголемите недостатоци денес на Скопје – хаотичниот сообраќај, отпадот, преголемиот број дивоградби, несредениот јавен превоз…, архитектот Ралев се согласува дека ги има толку многу што човек не може да одлучи за приоритети.

-Секако јавниот превоз е еден од најголемите проблеми, за да функционира еден град сите негови места и услуги мораат да бидат максимално достапни за сите категории на граѓани, мобилноста е услов за постоење на градот. Така што категоријата мобилност и достапност се покомплексни од сообраќајот како таков. Со неможноста да се справиме со сообраќајниот хаос предизвикан од урбанистичката просторна организација, недоволниот и со лош квалитет јавен превоз, а со тоа и постоењето на бариери и препреки во движењето градот станува небезбеден на граница на инциденти и се тоа го прави Скопје тежок и напорен за функционирање. На ова се надоврзуваат и проблемите од собирање и депонирање на смет, дивоградби и т.н, ни вели соговорникот.

За тоа како која европска престолнина би можело да изгледа Скопје, доколу се работи посветено и се покаже волја од градските власти, Ралев смета дека можеби идеалите ни се Љубљана, Виена, или Загреб и дека не би одел подалеку.

Н.П.

Слични содржини