Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска во Белград изјави дека Албанија, Србија и Северна Македонија го повикуваат Косово да се приклучи на „Отворен Балкан“ и дека несогласувањата треба да се решаваат во рамки на дијалогот.
„Три земји го повикуваат Косово да дојде и да работи со нас. Кога станува збор за несогласувања, тоа се решава во рамки на дијалогот“, им рече Рама на новинарите во „Палатата Србија“.
Тој додаде дека на сите ќе им биде подобро доколку сите шест земји од Западен Балкан се приклучат на иницијативата.
Рама денеска во Белград во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, вицепремиерот на Северна Македонија Никола Димитров, бизнисмени од трите земји и претставници на Атлантскиот совет.
Отворен Балкан е регионална иницијатива која ги вклучува Албанија, Северна Македонија и Србија, порано позната како мини-Шенген.