Рама: Косово еден ден ќе биде дел од „Отворен Балкан“

од Vladimir Zorba
180 прегледи

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека верува оти секоја земја од Западен Балкан еден ден ќе биде членка на Отворениот Балкан.

Рама, кој заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски претседаваше со Самитот како дел од иницијативата на „ОБ“, повтори пред „Еуроњуз Србија“ дека е „на страната на косовската влада, во однос на признавањето“, но посочи дека има различно мислење од „косовската влада кога е во прашање дијалогот со Србија и пристапот кон ОБ“.

„Верувам дека Косово треба да учествува во ОБ и дека треба да одат на средба со претседателот Вучиќ. Тој вели дека секој може да седне на таа маса“, рече Рама.

На прашањето дали може да го замисли премиерот Албин Курти да седне на иста маса со другите челници на ОБ, Рама одговори потврдно.

„Се разбира. Имам капацитет да замислам работи кои другите никогаш не би помислиле. Тоа не е лудост, не е глупост, туку храброст, амбиција и верба. Амбициозно сакам да изградам мир со другите и имам храброст да го кажам тоа. Верувам дека и тоа ќе се случи. Косово еден ден ќе биде во ОБ. Нема сомнеж во тоа, бидејќи тоа е иднината. Убеден сум дека секоја земја во регионот ќе биде дел од ОБ“, нагласи Рама.

Премиерот на Албанија додаде дека Брисел е голема машина и дека за ОБ нема само едно мислење.

„Таму е Комисијата за проширување, а потоа и претседателот на Советот, отворено ја изразија својата поддршка за проектот, некои други беа помалку ентузијасти. Но, никој не е против. Тие велат дека ОБ треба да биде инклузивна. Се согласуваме, но ние не може со сила да вклучуваме други“, посочи Рама.

Рама вели дека ОБ е веќе инклузивна и отворена.

„Тоа е вистина. А можеби Александар Вучиќ лаже – па дојди и увери се – ако лаже, разоткриј го и кажи му на светот дека е лажго. Но додека тој е таму насмеан и вели „дојди“, а вие одбивате, тогаш тој не е, ти си лажго, затоа што тврдиш нешто за што немаш докази. Тоа им го кажав на моите пријатели од Косово – „дојди да видиш“, ако Вучиќ ти каже дека не те прифаќа, јас сум ќе излеземе од таму заедно со вас. Затоа што тоа е нешто за што се договоривме претходно. ОБ не е место за дискусија за историјата. Историските прашања не можат да се решат во ОБ или во Брисел“, рече Рама.

Слични содржини