Албанскиот премиер Еди Рама порача дека едногодишната забрана за ТикТок во Албанија не е избрзана реакција, туку промислена одлука која е донесена во консултација со родителите, поради што оваа платформа нема причина да бара објаснување зошто така е одлучено.
„Забраната на ТикТок за (најмалку) една година во Албанија не е избрзана реакција на еден инцидент, туку внимателно разгледана одлука донесена во консултација со родителските заедници во училиштата низ целата земја. ТикТок нема основа да бара појаснувања од Албанија бидејќи во Албанија одлуките ги носат Албанците, а не сопствениците на алгоритмот на ТикТок. Иако Албанија е можеби премала за да бара ТикТок да ги заштити децата и младите од застрашувачките стапици на својот алгоритам, ние искрено се надеваме дека ТикТок ќе го направи овој чекор за доброто на човештвото, вклучително и Албанија“, навел Рама во објава на социјалната мрежа „Х“.
Тој ги отфрли тврдењата дека убиството на тинејџерот нема врска со ТикТок, оценувајќи дека станува збор за недоразбирање на заканите што оваа платформа ги претставува за децата и младите и решеноста на Владата на Албанија да преземе одговорност за решавање на ваквите закани.
„За среќа, Албанија е демократска земја каде што, кога повеќе од 90 отсто од родителите бараат забрана на TикТок, а огромното мнозинство верува дека здравјето и благосостојбата на нашите деца не треба да служат на платформата, туку дека платформата треба да служи здравјето и благосостојбата на нашите деца, нашата одлука не може да биде појасна. Или ТикТок ги штити децата од Албанија или Албанија ќе ги заштити своите деца од ТикТок“, истакна Рама.
🇦🇱The ban on TikTok for (at least) one year in Albania is not a rushed reaction to a single incident, but a carefully considered decision made in consultation with parent communities in schools across the country.
TikTok has no grounds to demand clarifications from Albania…
— Edi Rama (@ediramaal) December 22, 2024
Одлуката за блокирање на контроверзната социјална мрежа доаѓа откако еден 14-годишен ученик беше убиен, а друг повреден во тепачка во близина на училиште во Тирана, која започнала како конфликт на социјалните мрежи. Убиството предизвика национална дебата меѓу родителите, психолозите и образовните институции за влијанието на социјалните мрежи врз младите.
„Во Кина, ТикТок промовира како студентите можат да посетуваат курсеви, како да ја заштитат природата, како да ги зачуваат традициите, но на TикТок надвор од Кина гледаме само ѓубре и кал. Зошто ни е потребно ова?“, праша Рама.
ТикТок се соочи со обвиненија за шпионажа во САД и ја оспорува судската одлука со која се бара да ја продаде платформата на својот американски сопственик до 19 јануари 2025 година или ќе се соочи со забрана. Во Европа, мрежата е под истрага од Европската комисија поради тврдењата дека била користена за да се влијае на резултатите од романските претседателски избори во корист на екстремно десничарски кандидат. Хрватските политичари, исто така, стравуваат дека TикТок би можел да одигра улога на нивните претседателски избори на крајот на декември.