Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави денеска дека објавувањето на обвинението за воени злосторства против Хашим Тачи и Кадри Весели влијае на сите. Тој рече дека не се оцрнети само двете споменати имиња и т.н. ОВК, туку и на сите Албанци.

Според него, самиот факт што се вели дека „тие се осомничени дека сториле кривични дела“ го претвора тој текст во „гром“ што удира далеку повеќе од две имиња, пробивајќи низ светот, како што вели тој, со брзина на светлината, со што се оцрнуваат не само Тачи или Весељи, не само ОВК, туку и самото Косово и сите Албанци.
Рама рече дека замислува дека некој, во кој било дел од светот, кој нема општа идеја „за историската неправда и трагедија на нашиот народ во Косово“, читајќи го синоќешниот текст, несомнено ќе создаде слика за земја во сред Европа, каде, „благодарение на страшни злосторства против човештвото е инсталиран еден криминален режим“.
На прес-конференцијата, Рама зборуваше за настаните во Косово по повод вчерашното соопштение на Специјалното обвинителство дека поднело обвиненија против Тачи и Весели во Специјалниот суд, јавува „Клан Косово“.
Албанскиот премиер рече дека сите биле „допрени“ кога го прочитале и наведе дека обвинените за основачите на ОВК за серија злосторства, оркестрирани убиства, киднапирања, исчезнувања, прогони и тортура на невини и беспомошни луѓе, „ги испровоцирало и најдалечните граници на имагинацијата“.