Албанскиот премиер Еди Рама објави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, лично го поканил да ја претставува Албанија во Мировниот совет за Газа, објави албанската новинска агенција АТА.
Рама нагласи дека Мировниот совет е нова меѓународна организација замислена од претседателот Трамп, при што Албанија е поканета да биде една од земјите основачи, што е уште едно извонредно меѓународно достигнување кое би било незамисливо пред неколку години.
„Не би можел да бидам погорд на Албанија, на сè што постигнавме во овие години, трансформирајќи ја во поинаква Албанија – достоинствена и почитувана низ целиот свет како никогаш досега, а без сомнение и на нивото на кое го подигнавме нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, откако бевме поканети со најголема почит и благодарност од претседателот Доналд Трамп да станеме дел од меѓународниот совет создаден и предводен лично од него, и да работиме заедно со него“, напиша тој на социјалните медиуми.
Во четврток, американскиот претседател Доналд Трамп го објави создавањето на Мировниот совет за Газа.
Советот ќе биде составен од дипломатски претставници од различни земји. Од егионот, поранешниот бугарски министер за одбрана и надворешни работи и поранешен претставник на ОН за Блискиот Исток, Николај Младенов, исто така, ќе биде висок претставник за Појасот Газа.