Премиерот Димитар Ковачевски вчера му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон за ангажманот да се најде решение за спорот со Бугарија, но го одби неговиот предлог за кревање на ветото и започнување на преговорите, доколку не се уважат петте македонски услови, кажани пред да замине во Брисел.
За поранешниот пратеник Исмет Рамадани, вчерашниот потег на премиерот е „добар во однос на нивното вето кон нас за отпочнување на преговорите со ЕУ“.
-Бугарските барања со толкава доза на апсурд да бидат вметнати во преговарачката рамка на ЕУ е надвор од принципите и вредностите со кои ја препознаваме истата, каде стремиме да бидеме членка. За жал, со разочарување требаше да се каже „не“ на ваков преседан од ЕУ наметнат од Бугарија, вели Рамадани во разговор за „Локално“.
Тој посочува дека ќе мора да се помириме со фактот дека во наредниот период ни престојува тешка политичка и дипломатска битка со Бугарија во изнаоѓање компромис.
-Се надевам дека и претседателот Радев и другите политички чинители во Бугарија, после вакво одлучно „не“ на премиерот Ковачевски на Самитот на ЕУ ќе сфатат дека нивните ирационални барања не поминуваат. Ние и тие треба да извлечеме поука дека и компромисните решенија се базираат на реципрочно достоинство на двата народи. Ние нема да се откажеме од европерспектива затоа што местото ни е таму. Впрочем скоро една третина од нашите граѓани живеат и работат во ЕУ. Ние фамилијарно и национално сме интегрален дел на ЕУ. Затоа, излезот од овие недоразбирања треба да го бараме од начинот на размислување кој е ослободен од идеолошки историски тежок товар. Кога различноста ќе ни биде меѓусебно разбирање ќе ги надминеме сите препреки во нашите добрососедски односи. Тогаш кога ќе бидеме заедно во ЕУ, хистеријата и омразата која не загушува сега ќе исчезне како едно несвесно срамно минато, смета политичкиот аналитичар.
За тоа дали имаше влијание врз одлуката на Ковачевски притисокот од страна на помалите коалициони партии дека ќе се повлечат од власта доколку предлогот биде прифатен, Рамадани децидно вели дека „вреден е нивниот став, но не и нивните закани“.
-Овие мали партии го избрзаа гласот за одбивање на предлогот од Макрон, со непотребна недоверба кон нивниот премиер во коалиционата влада. Не ме импресионираат политичари кои ги узурпираат патриотските чувства мислејќи дека другите се предавници. Вреден е и нивниот став, но не со закани кои ги навредуваат чувствата на коалициониот партнер повикувајќи се на предрасуди и некој ситен политички ќар, појаснува тој.
Според него, потегот на македонските претставници во Брисел е одговор кон сите тие кои сеат недоверба со пропаганда дека ќе има предавство на националните интереси во спорот со Бугарија.
-Во исто време ја обвинуваат владата зошто не добиваме датум за преговори, а не им текнува дека датум се добива ако им се попушти на бугарските власти во нивните апсурдни барања. Навистина не знае човек дали да плаче или да се смее на ваква инфантилна контраверзност на опозицијата и не само на нив. Нормално е да се враќа и да расте довербата во владата, која со едно одлучно „не“ на бугарските барања, ја разголи пропагандата на опозицијата пред македонската јавност, појаснува тој.
На прашањето дали станува се поизвесно зајакнувањето на мини сојузот на земјите од Балканот (Отворен Балкан) и дали се очекува земјите кои се во чекалната по вчерашното „не“ да свртат нов лист во односите со Унијата, поранешниот пратеник смета дека тројцата лидери со своите ставови испратија силна порака до ЕУ и Бугарија дека со ваков однос кон двете земји „сериозно се разниша кредибилитетот на ЕУ“.
-Настапот на тројцата лидери, Ковачевски, Рама и Вучиќ, на „Отворен Балкан“, се покажа како сериозен обид за отрезнување на челниците на ЕУ.Тројцата лидери со унисони ставови на прес конференцијата упатија силна порака до ЕУ и Бугарија дека со ваков анемичен однос кон Северна Македонија и Албанија за започнување на преговорите сериозно се разниша кредибилитетот на ЕУ. Самоиницијативата за соработка наречена „Open Balkan“ е најдобар доказ дека овие земји се најдобар пример како се практикуваат европските вредности. Тогаш која е смислата ЕУ да дозволи една нивна членка само затоа што има право да користи „ВЕТО“ да го барикадира патот кон членството во Унијата на Северна Македонија и Албанија. Ништо, треба уште еднаш да се свртиме кон американската администрација која ќе најде механизми да ја разбие оваа Евро-Бугарска бирократија, инфицирана од лудничава Путинова Русија, вели тој.
Б.М.