Ранети и исчезнати по силната експлозија во хемиска фабрика во Леверкузен

од Vladimir Zorba
408 прегледи

Неколку лица беа повредени по огромна експлозија во хемиска фабрика што го потресе германскиот град Леверкузен, објави „Метро“.

Германскиот Сојузен завод за цивилна заштита и помош од катастрофи брзо го нарече „екстремна закана“.

Компанијата „Аутента“, која управува со хемискиот парк, рано утрово во изјава рече дека неколку вработени биле повредени, од кои најмалку двајца биле тешко, а пет лица се водат како исчезнати.

Официјалните лица во објектот Chempark, со седиште крај бреговите на Рајна и на околу 20 километри северно од Келн, сè уште не се свесни што ја предизвикало експлозијата. Тие на Твитер соопштија дека пожарникарите и опремата за откривање на загадување се на терен, поради стравувањата за „опасни испарувања“ во воздухот.

Жителите изјавија дека експлозијата се слушнала од далечина, додавајќи дека од експлозијата им се треселе прозорците.

Весникот „Koelner Stadt-Anzeiger“ објави дека експлозијата дошла од инсталација за горење на ѓубре.

Неколку главни автопати во близина се затворени од полицијата, а чадот се движи северозападно кон градовите Буршеид и Лајхлинген.

Снимките направени од блискиот автопат покажуваат дека портокалови пламени и испарувања на пареи се издигнуваат високо над индустрискиот парк, каде се наоѓаат голем број на хемиски компании.

Локалните жители се повикани да останат во своите домови и да ги држат затворени прозорците и вратите, а на луѓето кои не живеат во Леверкузен им беше кажано да ја избегнуваат областа.

Наводно се повикани пожарникари од целиот регион да помогнат во гаснењето на пожарот. Голем број на возила на брза помош и полиција се исто така на лице место.

Леверкузен е дом на Баер, една од најголемите германски хемиски компании, што му го дава името на фудбалскиот тим на градот и обезбедува вработување на многу жители. Леверкузен има околу 163.000 жители и се граничи со четвртиот по големина град во Германија, Келн, во кој живеат околу еден милион луѓе.

Слични содржини