Бугарија јасно стави на знаење дека не планира да ги помести своите ставови во врска со кревање на ветото во јуни.
Политикологот Иво Рангеловиќ, смета дека притисокот од Брисел и решителноста на Петков се доволни да го „превагнат“ влијанието на ваквите динамики.
-Всушност, унијата е жртва на сопствениот систем, кој се потпира на одреден сет на вредности, овојпат злоупотребен од земјата членка. Притисокот е засега единствен, неформален механизам со кој унијата се справува со официјална Софија. Втората причина е влијанието на така наречениот Руски свет во политичката и општествената сфера во Бугарија. Портрет на ваквото влијание е токму и актуелното вето кон Македонија. Но, актуелната влада (не и коалиција) во Софија е експлицитна во своите про-западни ставови, како и во ентузијазмот да се крене ветото. Останува да видиме дали притисокот од Брисел и решителноста на Петков се доволни да го превагнат влијанието на ваквите динамики и конечното да сведочиме кревање на ветото, коментира политиколог.
Рангеловиќ е на мислење дека новото вето во јуни е легитимна причина за избори.
– Ново вето во јуни е легитимна причина за избори, без разлика што неуспехот не се препишува на актуелната влада во Македонија.Истовремено, сметам дека е стратешки погрешно да дојде до промена на владите во Скопје и Софија пред да се реши проблемот со ветото, бидејќи актуелните влади на двете страни се исклучително зрели за договор. Објективно е да очекуваме дека нова констелација на политичката сцена во Скопје и Софија ќе ја продлабочи кризата, односно ќе го остави ветото во живот. Се разбира, надворешната политика не е едиствен параметар од кој црпи легитимитетот за избори, но е исклучително важен за иднината на земјава, смета тој.
Во врска со најавите на ДУИ дека ќе има предвремени парламентарни избори доколу во јуни нема почеток на преговорите за членство во ЕУ, политикологот коментира дека суштината на ДУИ како политички чинител ќе биде ставена под знак прашалник од страна на албанското гласачко тело при ново вето, потeнцирајќи дека особено тоа до израз ќе дојде доколку ветото за Албанија биде кренато преку издвојување од пакетот со Македонија.
-Доколку го земеме предвид и притисокот за една изборна единица, која не и оди во прилог на ДУИ, може да се очекува повик за предвремени од оваа партија.
Во моментов кревање на ветото е гумата за спасување на ДУИ, што би ја зацврстила позицијата на оваа партија на предвремени или времени избори. При тоа, потенцијалот за коалицирање би бил уште посериозен и би го отежнал патот кон формирање нова влада со евентуална победа на ВМРО-ДПМНЕ на следни избори, подвлекува тој.
Политикологот смета дека динамиките во однос на ветото не зависат исклучиво од една Влада во Скопје.
-Имено, евентуална промена на Владата во Софија доплнително ќе ја отежне работата, без разлика кој е тука на власт. Но, јавните ставови на опозицијата не индицираат брзо решавање на спорот со Бугарија. И покрај тоа, не би бил нималку изненаден доколку новата Влада биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, под притисок на меѓународниот фактор да биде исфрлена Левица од владина коалиција, вели тој.
Доколку се обнови ветото, Рангеловиќ вели дека кризата во земјата ќе следи „по природен пат“.
-Тогаш и протестите ќе добијат смисла и сметам дека Владата ќе биде принудена да седне на маса. Под такви околности, единствен капитал на СДСМ да остане на власт, односно да победи на следни избори, е да формира предизборна коалиција со ДУИ. Цената за таквата коалиција би била тешка за дигестивниот систем на македонското гласачко тело. Од друга страна, претендерот е резервиран во своите гледишта кон начинот на интегрирање кон ЕУ. За жал, во двата случаи колатералата е народот, вели тој.
Б.М.