Ранѓеловиќ: Дуото Петков-Асенов има потенцијал да се издвои над балканските ментални стеги во политиката

од Берта Китинска
635 прегледи

Победата на „Промената продолжува“ и првите најави  на еден од двајцата лидери и иден мандатар Кирил Петков оставаат надеж дека С.Македонија и Бугарија ќе ги подобрат односите. За политиколог  Иво Ранѓеловиќ изјавите на потенцијалниот  бугарски мандатар очигледно ќе направат пресврт во преговорите.

-Врз база на истите може да заклучиме дека историјата како клучна компонента во разговорите помеѓу двете комисии сега ќе биде разводнета, односно ќе се третира како еднаков составен дел на многуте точки на преговори. Но, ваквиот став треба да биде поддржан и од коалиционите партнери на евентуалната влада предводена од „Промената продолжува”, вели за „Локално“, аналитичарот.

За тоа дали новата влада ќе води поинаква политика во однос на Македонија политикологот смета дека владата предводена од Петков е по мерка на САД и пошироката меѓународна заедница и со ваквиот развој на настаните може да се има оптимизам во однос на кревањето на ветото.

-Не се сомневам дека дуото Петков-Асенов, производ на институција каква што е Харвард, има потенцијал, односно развиено карактер да се издвои над балканските ментални стеги во политиката. Мора да го препознаеме моментот дека евентуалната влада предводена од Петков е по мерка на САД и пошироката меѓународна заедница, како што веројатно ќе биде и формирањето на новото мнозинство во македонскиот парламент. Ваквиот развој на настаните го трасира патот на оптимизмот во однос на кревање на ветото кое сите го очекуваме, објаснува тој.

Според него формирањето на работните групи кои ќе бидат составени не само од историчари, туку и од луѓе од бизнисот, науката и културата треба да е формула преку која ќе се прошири конфигурацијата на работните групи.

-За да успее ваквата формула преку која ќе се прошири конфигурацијата на работните групи, најважно е да се постави за цел дека нема да има рок за конкретен исход од овие разговори. Едноставно, сметам дека соработката во економијата, културата, бизнисот, науката, па и историјата, треба да се перцепираат како теми за кои е потребна соработка во континуитет, а не потреба за некаква конечна цел. Доста е од докажување на овие простори и токму во тој дух треба да се развиваат дискусиите помеѓу работните групи, објаснува аналитичарот.

 За тоа како ја коментира изјавата на Петков  дека луѓето од двете страни на границата имаат симпатии едни кон други, но дека некои политичари ја „замешале работата“, според Ранѓеловиќ  најадекватниот доказ дека оваа негова констатација е точна се токму резултатите на парламентарните избори во Бугарија.

 -Погледнете што се случи со радикалните профили на политичари, па и оние кој го поставија ветото или на било кој начин го поддржаа. Бугарското општество остави простор за подадена рака кон Македонија со изборот на дуото Петков-Асенов. Наспроти тоа, руското влијаније останува во живот преку господинот Радев како веројатен старо-нов претседател, подвлекува политикологот.

Во однос на тоа дали има време и простор да се реши спорот со Бугарија  со новата  влада и да се постигне нешто до декември, Ранѓеловиќ смета дека теоретски постои можност за датум во декември.

-Политички е коректно Петков да биде претпазлив во своите изјави, ако земеме предвид дека пред него се преговори со потенцијални коалициски партнери. Теоретски постои можност за датум во декември, иако мое лично убедување е дека нема да дојде до тоа, но она што е многу поважно е фактот дека ЕУ ја препозна својата дискредитација во регионот и, со помош на САД, почнува да го проектира своето влијаније преку конкретни чекори. Ситуацијоната логика (кризата во БиХ, пат-позиција во преговорите помеѓу Белград и Приштина, евроскептицизмот на официјална Тирана итн.) укажуваат на тоа дека меѓународниот фактор ќе превземе поекспедитивен пристап во наредниот период, нешто без кое тешко може да се замисли прогрес во земјите од Западен Балкан, објаснува тој.

Б.М.

Слични содржини