Рангеловиќ: Политиката во Македонија изразено и се наметнува на ЕУ и САД, но дипломатијата треба да претпочита внимателност

од Берта Китинска
461 прегледи

Признавањето не е неочекувано со оглед на неуспехот на договорот „Минск 2“ од 2015-та година, низ кој Русија се обиде преку основните принципи на демократијата, конкретно само-определувањето, да издејствува висока автономија за Доњецк и Луганск, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Иво Рангеловиќ.

Според него, претседателот Путин е доволно свесен дека неговиот потег нема да наиде на широка поддршка, но како што вели тој, рускиот претседател тоа го користи како стратешка алатка да дојде до целта, а една од нив е Украина да (о)стане „вазалска држава на Москва“.

-Ваквата ситуација не создава нов поредок, светот е релативно далеку од нов поредок, но ја потврдува кризата во постоечкиот, коментира тој.

За тоа дали со овој потег на Путин, го загрозува суверенитетот на Украина, Рангеловиќ смета дека рускиот претседател преку официјалната политика на Москва, практично и никогаш не ја признавал Украина како суверена држава.

-Воените маневри во моментов се всушност притисок за потврда на истово. Но, од друга страна, што и понуди меѓународната заедница на Украина, пред се ЕУ и САД? Што понуди светот во одбрана на Украинскиот суверенитет? Фактот дека досега Украина не е ни блиску до ЕУ или НАТО (ако ги земеме предвид членките од типот на Бугарија и Романија) тогаш легитимно е да констатираме дека Западот ја пушти Украина “по вода, подвелкува аналитичарот.

Тој објаснува дека проценката за започнување на нова „Студена војна“ зависи од тоа дали меѓународната заедница ќе прифати висока автономија на Доњецк и Луганск, со што би овозможи ефективно вето на овие две области кои објективно ќе може да ја реориентираат европската интеграција на Украина.

-Тоа е и суштината на проблемот. За возврат Путин би прифатил една суверена Украина од таков крој и поголема војна би била избегната. Но, категоричен сум во проценката дека во секое решение Украина ќе биде колатерала, смета тој додавајќи дека одлуката на претседателот да ги прогласи за независни Доњецк и Луганск ќе предизивика економски штети кои ќе бидат во енормни размери, но најголема штета би претрпела руската економија. На страна акумулацијата на санкции од секаков вид и од целиот свет, руската економија не би можела да издржи целосна инвазија и окупација на Украина на долг рок. Се работи за економија во размер на една Италија. Светот е толку многу поврзан и дојден е до степен да војната повеќе не е исплатлива опција во 21-виот век, коментира Рангеловиќ.

Дипломатијата треба да претпочита внимателност

Според аналитичарот, политиката во Македонија се наметнува на ЕУ и САД, но сепак тој смета дека дипломатијата би требала секогаш да претпочита внимателност.

-Кога два народи ќе завојуваат, треба да настојувате на изнаоѓање решение за мир, наместо да бирате страна. Воздржаноста на српската дипломатија е за почит, додека неутралноста е стратешка определба која Србија ја негува извесно време. Иако Македонија не е неутрална во своите определби, тоа не значи дека политичарите не треба да се воздржани во своите изјави, смета аналитичарот.

Во однос со ситуацијата која многумина ја споредуваат со таа во Косово, па и самиот Путин, во контекст „ова не е ништо поразлично“, според Рангеловиќ компарацијата е дозволива во политичката мисла, но во пракса не постојат два или повеќе идентични случаи.

-Ако за момент прифатиме дека ситуацијата во Украина е иста како онаа со Косово, тогаш дали претседателот Путин ќе го признае Косово доколку светот ги признае Доњецк и Луганск како независни држави? Веројатно ќе бидеме сведоци на стагнација во дијалогот Белград-Приштина, барем додека трае судирот помеѓу Украина и Русија. Исходот од овој конфликт ќе има дирекни реперкусии врз целиот регион на Западен Балкан, во смисла забрзување на интегративните процеси доколку Руската инвазија резултира со уставни промени во Украина кои нема да одат во прилог на ЕУ и САД, вели тој.

Б.М.

Слични содржини