Ранѓеловиќ за предлогот на Црвенковски: Национална платформа без диригентската палка на меѓународниот фактор во моментов e незамислива

од Берта Китинска
588 прегледи

Самата иницијатива за научниот собир во организација на МАНУ е добар почеток за развој на критичката мисла во јавниот дискурс. Она што сметам дека недостасуваше генерално во излагањата е државништво, суштина, но и научната компонента, вели во изјава за „Локално“,политикологот и политички аналитичар, Иво Ранѓеловиќ, коментирјаќи го настапот на порнешните претседатели на земјава на дебатата во МАНУ по повод 30 години независност на земјата.

Наместо тоа, според Ранѓеловиќ преовладала истрошена реторика зачинета со политикантство од која како што сели „сите ние сме одамна уморни“.

-Сметам дека е време кога јавноста треба да престане да ги ,,амнестира’’ грешките во чекори на поранешни високи функционери и да се насочи кон изнудување на суштински решениа од сегашните политичари, објаснува тој.

Во однос на предлогот на Црвенковски да се направи национална платформа која ќе се фокусира на трите клучни проблеми во државата кои тој ги лоцира на следниот начин: Македонија е корумпирана држава, Македонија е внатрешно конфронтирана и поделена држава. Македонија е држава која живее на кредити, според политичкиот аналитичар нашата реалноста, укажува на тоа дека Македонија не е спремна самоиницијативно да покрене и спроведе една таква платформа.

-Првенствено се сомневам во политичката воља за вакво нешто, но и државничкиот капацитет на политичките чинители. Во Македонија, политичарите живеат од политиката, но не и за политиката. Така што било каква национална платформа, без диригентската палка на меѓународниот фактор е во моментов незамислива, смета Ранѓеловиќ.

На прашањето како ја оценува (само)критичноста на Црвенковски во обраќањето во кое говореше и за сопствените „крупни грешки од минатото“ , политикологот вели дека големината на еден лидер е кога ќе понесе одговорноста на своите грешки за време на своето владеење.

-Сите лидери, политичари, функционери грешеле и ќе грешат. Големината на еден лидер, а воедно и суштината, е да ја понесе одговорноста на своите грешки за време на неговото/нејзиното владеење. Нашите лидери во минатото направија грешки со трајни последици врз ова општество, а сега од јавноста се очекува да учи од нивните совети. Тоа ме тера да верувам повеќе во визијата на младите политичари, отколку во мудрувањата на старите, подвлекува тој.

Ранѓеловиќ смета дека е добродојдено мислењето и искуството на секој еден поранешен чинител во политиката на државава, воедно и поголема ангажираност и придонес на МАНУ како институција за која тој вели дека дека е исклучително пасивна во својот придонес кон јавната дебата.

-Сепак неопходно е да се инкорпорираат и поединци од научната фела, невладиниот сектор, како и младината со цел да се извлече најдоброто од општествениот капитал на оваа држава во однос на нејзиниот развој, објаснува аналитичарот.

Б.М.

Слични содржини