Познатиот британски актер и комичар Расел Бренд (49) се изјасни за невин пред Кралскиот суд во Саутерк, откако беше обвинет за серија сексуални напади извршени пред повеќе од две децении. Тој ги негираше сите пет точки од обвинението што се однесуваат на четири различни жени. Обвиненијата против Бренд беа покренати на почетокот на мај и се однесуваат на наводни настани кои се случиле во периодот од 1999 до 2005 година. Според обвинителството, Бренд се товари за две точки за силување, една за орален сексуален напад и две за сексуален напад.
Една од жените тврди дека била силувана во Борнмут во 1999 година. Втората жртва наведува дека била сексуално нападната во Вестминстер, Лондон, во 2001 година. Третата жена изјавила дека Бренд извршил орален сексуален напад врз неа, исто така во Вестминстер, во 2004 година. Последната жртва тврди дека била сексуално нападната во истиот дел од Лондон помеѓу 2004 и 2005 година.
Расел Бренд, кој во минатото беше едно од најпрепознатливите телевизиски лица во Британија и поранешен сопруг на американската пејачка Кети Пери, речиси веднаш по појавувањето на првите обвинувања во јавноста, остро ги негираше. Тој истакна дека никогаш немал сексуален однос без согласност.
„Бев будала пред да живеам во светлината Господова. Бев зависник од дрога, зависник од секс и имбецил. Но, едно нешто никогаш не бев – не бев силувач. Никогаш не сум учествувал во нешто без согласност. Ве молам, погледнете ме во очи и препознајте го тоа“, изјави Бренд во видео објавено на социјалните мрежи.
Британските обвинители објавија во април дека Бренд е официјално обвинет и дека следното рочиште е закажано за јуни 2026 година. Иако претходно изјави дека живее во Англија, Бренд дел од времето престојува и во САД.
Случајот го привлекува вниманието на јавноста не само поради сериозноста на обвинувањата, туку и поради долгогодишниот јавен имиџ на Бренд како контроверзен и ексцентричен јавен лик. Иstragата продолжува, а јавноста со внимание ќе го следи понатамошниот развој.