Рашиќ: Белград да престане со нехуманите акции и притисоците врз косовските Срби

од Radmila Tasevska
428 прегледи

Министерот за заедници и враќање на Косово, Ненад Рашиќ изјави дека „е вознемирувачко тоа што Србите од Косово се приведуваат во Србија и се малтретираат без причина, само затоа што не се симпатизери на Српската листа“, односно на партијата на косовските Срби, која е отворено поддржана од Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција по повод вчерашното апсење во Србија на директорот на Администрацијата во општина Лепосавиќ, Никола Радимировиќ, Рашиќ рече дека „радикалниот режим“ кој е на власт во Србија „врши нехумани акции против Србите од Косово“.

Тој го повика Белград да престане со притисоците врз косовските Срби.

Рашиќ рече дека работи на одбраната на Радимировиќ и на изнаоѓање правна помош за што побрзо да биде ослободен од притвор, бидејќи ова апсење, како што рече, е едноставно начин на заплашување и создавање тензии од страна на српските власти.

– Јас сум во контакт со мојот заменик (таткото на Никола, Радоица Радовановиќ), за да најдеме соодветна правна помош за што поскоро да се излезе од оваа ситуација. Тоа е методологија која се спроведува седум-осум години. Секогаш кога сум се обидел да ја преминам границата, ме задржуваат неколку часа. За ова нема никаква правна основа, ниту изјава или тужба од полицијата. Ова е кулминација на таа стара методологија која се применува седум-осум години врз мене и моите соработници. Ова е едноставно начин на заплашување и создавање тензии, рече тој.

Косовскиот министер од редовите на српската етничка заедница информира дека, освен тој самиот, и неговиот син претходно бил приведен на граница и задржан три-четири часа, а бил испрашуван од претставници на српската разузнавачка агенција БИА.

Рашиќ информира дека директорот на Управата во општина Лепосавиќ е уапсен во саботата од полицијата на Србија и е задржан во полициска станица во Рашка.

-Според информациите што ги имаме, тој ќе биде задржан до понеделник, бидејќи велат дека судијата не е достапен. Ова е дел од уценувачката и навредлива методологија, рече Рашиќ.

Според косовските медиуми, Радимировиќ бил уапсен на српската страна на граничниот премин Јариње во северно Косово.

Од Србија сè уште нема никаков коментар за наводите за апсење на директорот од општината со мнозинско српско население во северно Косово.

Косовскиот портал на српски јазик „КоССев“ објави дека побарал коментар од Министерството за внатрешни работи на Србија и од Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија, но досега не добиле одговор од ниедна од тие институции.

Слични содржини