Преку сведочењето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека за софтверот за сообраќајни казни за системот камери „Сејф сити“ покажавме дека истиот е набавен на комплетно законски начин со почитување на сите законски процедури, изјави по денешното судско рочиште поранешниот генерален секретар на Владатат, Драги Рашковски обвинет во случајот „Софтвери“. Рашковски потенцираше дека софтверот е набавен исклучиво за потребите на Владата во рамките на остварување на своите обврски, согласно член 40а од Законот за Влада.
– Министерот кажа дека секоја институција во рамките на своите буџети располага и ги врши набавките согласно расположливите средства. Кажа и дека анализи во однос на подобрување на состојбата прави не само Владата, не само Републичкиот совет за безбедност на патиштата, не само МВР, туку и вие како новинари ако истражите и министерот тоа го потврди дека Владата има доделувано дури и грантови преку Фондот за иновации или преку Генералниот секретаријат до невладини организации или правни лица се со цел во процесот на инклузија да се подобри безбедноста во сообраќајот, изјави Рашковски.
Запрашан од новинарите дека Спасовски, во сведочењето пред Судот рече дека не е запознаен со набавката на софтверот, Рашковски рече дека министерот изјавил оти Владата е таа што има право да врши вакви анализи. Прашан дали софтверот е набавен за потребите на Владата да тестира или за МВР да казнува, Рашковски рече дека Владата ниту може, ниту треба да казнува и дека казнувањето е во рамките на надлежностите на МВР.
– Анализата треба да покаже каде се слабите точки и што се најчестите причини за предизвикување на сообраќајните несреќи, кои што, кога ќе дојде нашиот ред за презентирање, ќе ги видите кои се анализи ги прави софтверот и ќе видите кои се анализи ќе придонесат и придонеле и ќе дадат инпут за понатаму да се развива безбедноста во сообраќајот во државата, рече Рашковски.
Софтверот, посочи тој, има уште 13 други функцоналности, како што се носење на појас, поминување на црвено светло, претекнување на полна линија итн. Тој нагласи дека побарале од Судот да дозволи на едно од следните рочишта опремата да биде донесена и во живо тестирана.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.