Некои земји од Европската унија, вклучително и Франција и Шпанија, повикаа на посилна реформа на регулативите за енергетскиот пазар на блокот за справување со високите цени, што наиде на противење од друга група земји, вклучително и Германија, пред денешниот министерски состанок на ЕУ.
Германија, Данска, Холандија и шест други земји во средата објавија заедничка изјава против реформите на енергетскиот пазар на ЕУ, пред состанокот на министрите за енергетика на кој ќе се разговара за нивниот одговор на високите цени на гасот и електричната енергија, пренесува Ројтерс.
Ограничувањето на цените или префрлањето на друг систем за одредување на националните цени на електричната енергија може да ја обесхрабри трговијата со електрична енергија меѓу земјите и да ги поткопа напорите за воведување поевтина обновлива енергија во системот, велат земјите.
Друга група земји, Шпанија, Франција, Италија, Грција и Романија, одговорија со соопштение во кое повикаа на примена на правилата на ЕУ за заштита на потрошувачите од силни флуктуации на цените. Тие, исто така, се залагаат за заедничко купување на гас од земјите на ЕУ, со цел да се формираат стратешки резерви и за анализа која ќе ги дефинира реформите за пазарот на електрична енергија во блокот.
Цените на енергијата во Европа се искачија на рекордно ниво оваа есен поради скудното снабдување со гас во услови на висока побарувачка во економиите кои закрепнуваат од пандемијата на Ковид-19. Иако цените на бензинот се повлекоа од октомвриските рекорди, сепак тие се релативно високи.
Земјите-членки на ЕУ сè уште немаат заеднички одговор за поскапувањето на енергенсите, и покрај фактот што нивните лидери и министри одржаа неколку итни состаноци во последните месеци за ова прашање.
Еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон денеска изјави дека Европската комисија ќе предложи рамка која ќе овозможи заедничка набавка на стратешки резерви на гас, но не даде детали за тоа.
Тоа ќе биде дел од претстојниот предлог на Комисијата за подобрување на законодавството на ЕУ за пазарот на гас, кој треба да биде објавен на 14 декември.
Многу земји од ЕУ веќе прибегнаа кон примена на привремени национални мерки со цел да ги заштитат потрошувачите од повисоки сметки, вклучително и намалување на даноците за струја и субвенции за домаќинствата, пренесува Танјуг.
Министрите денеска ќе го оценат и напредокот во преговорите за поставување посилни цели на ЕУ за подобрување на енергетската ефикасност и проширување на обновливите извори на енергија во оваа деценија.