Актуелниот претседател на Јужна Осетија, Анатолиј Бибилов денеска потпиша указ со кој за 17 јули закажа референдум за припојување на овој отцепен грузиски регион кон Русија. Москва ги призна Јужна Осетија и крајбрежниот регион Абхазија како независни по кратката војна со Грузија во 2008 година.
„Во принцип, сè е напишано многу јасно во Уставот на Република Јужна Осетија. Секако, треба да го бараме мислењето на народот, односно да се погрижиме народот да го изрази својот став за приклучување кон Русија“, рече Бибилов.
Прашањето на референдумот гласи: „Дали го поддржувате обединувањето на Јужна Осетија и Русија?“.
Како што беше прецизирано, Бибилов го потпишал указот за распишување референдум, водејќи се од историската желба на народот на Јужна Осетија да се обедини со Русија и во согласност со член 50 од Уставот на Јужна Осетија.
Претходно, на 30 март, актуелниот претседател на Јужна Осетија изјави дека Републиката ќе преземе правни чекори за да стане дел од Русија во блиска иднина. Според него, присоединувањето со Руската Федерација е стратешка цел на Јужна Осетија.
Новиот лидер на грузискиот отцепен регион Јужна Осетија, Алан Глагојев, во средата рече дека ќе чека сигнал од Москва пред да се одржи референдумот.
Глагојев, кој го победи актуелниот претседател Анатолиј Бибилов на претседателските избори минатиот викенд, рече дека Јужна Осетија има потреба од Русија да биде вклучена на референдумот за приклучување кон земјата доколку се одржи, пренесе Ројтерс.
Москва ги призна Јужна Осетија и крајбрежниот регион Абхазија како независни по кратката војна со Грузија во 2008 година, потсетува британската агенција.