Повеќе од 5.000 државни имоти од различни категории беа означени како имоти неважни за властите во Бугарија и огласени за приватизација, односно продажба. Меѓу нив и дел од државната граница со Грција и римски амфитеатар во најстрогиот центар на Софија, плацеви во национални паркови, пишува бугарскиот онлајн медиум mediapool.bg.
Случајот ја разбранува бугарската јавност, откако скандалозните намери на владиниот кабинет на Росен Жељазков и локални власти ги објави блогерот Бојан Јуруков минатата седмица. Реагираа и „зелените“, односно „Зелено движење“, коешто повика да се сопре процесот на продажба и списокот на „ненужни“ имоти да се ревидира. На тоа експресно реагираше Министерството за регионален развој и урбанизам, коешто е одговорно за државните имоти, па појасни дека „државните имоти со избришана неопходност подлежат на детална проверка пред евентуалната продажба“.
Целиот процес е со цел државата да се ослободи од имотите што носат само расходи, но не и корист, а за кои има интерес од инвеститори. Со добиените пари од продажбата, треба да се формира специјален фонд на министерот за регионален развој, односно за детски градинки и училишта и решавање проблеми на инфраструктурата.
Влогерот Јуруков се помачил да дојде до целата вистина, а кога ги видел сите детали, бил фрапиран од размерите на скандалот – до тоа дека е понудена за продажба и зграда и парцела во самиот центар на Софија, во која, на неколку метри до објектот на Владата, се наоѓа римскиот амфитеатар Сердика. Јуруков создаде и интерактивна мапа на која граѓаните може да означуваат нови проблематични места и да алармираат.
Во времето на втората влада на Бојко Борисов имало обиди да се реконструира амфитеатарот, кој бил вториот најголем во Римската империја, појаснува mediapool.bg. Приказната почнала со продажбата на парцела на Националната електро компанија НЕК, која таму сакала да изгради деловна зграда, но откривањето на амфитеатарот пред дваесетина години ги уништило таквите планови. Сеедно, државата досега не презело мерки за реконструкција на амфитеатарот.
Меѓу скандалозните понуди за приватизација што ги пласираа бугарските зелени, се и неколку ‘рта на брегот на Црно Море и крајбрежни парцели, парцели на самото било на планината Беласица опфатени со паркот на природа „Беласица“, потоа езеро во друг национален парк близу градот Сливен. Предвидени за продажба иле и 20 декари од паркот на природата „Витоша“ до Софија, парцели во паркот на природата „Персина“ и во паркот „Странџа“, како и дел од градскиот Западен парк во Софија.
Меѓу предвидените имоти за приватизација е и парцела што опфаќа дел од бугарската граница со Грција, помеѓу Ивајловград и Кипринос, како и дел од прекуграничниот пат.
Според mediapool.bg, и некои претставници на локалните власти биле шокирани од плановите за приватизација и посочиле дека дознале за намерите од настапите на влогерот Јуруков.
Партијата „Зелено движење“ сугерира списокот на имоти за приватизација да биде ревидиран и да се исклучат археолошки локалитети, резервати, заштитени територии, санитарно-заштитни зони со вода за пиење и водни објекти, национални паркови и градски паркови, како и зоната А на брегот на Црно Море.