Светските пазари на капитал денес растат, а акциите на берзата во Хонг Конг најмногу зајакнаа, додека нафтата поевтини.

Главниот берзански индекс во Хонг Конг, Hang Seng, скокна за 2,41 отсто до попладневното тргување по локално време, поттикнато од растот на цените на акциите на кинеските технолошки гиганти Tencent и Alibab за 3,45, односно 5,54 отсто, се вели во извештајот.

Акциите на China Estates, котирана акција во Хонг Конг, која беше главен акционер во пропаднатиот Evergrande, пораснаа за повеќе од 30 проценти, откако беше објавено дека Estates добиле понуда од својот најголем акционер, Solar Bright, за купување акции од малцинските акционери , што го прави холдингот всушност приватна компанија.

Јапонскиот индекс Nikkei 225 зајакна 0,93 проценти, а Topix порасна 0,22 проценти. Јужнокорејската Cospi напредуваше за 1,73 проценти, додека тајванската Taiex за 1,83 проценти.

Акциите во Австралија, исто така, пораснаа, при што индексот S & P / ASX 200 порасна за 0,63 проценти.

Најширокиот индекс на акциите на Азија-Пацифик, MSCI, без јапонските, забележа добивка од 1,52 проценти. За тоа време, берзите во континентална Кина и денеска беа затворени поради празници.

На берзата во Њујорк, индустрискиот индекс Dow Jones се зголеми за 102,32 поени на 34.416,99 поени преку ноќ, а S&P 500 зајакна за 0,41 проценти, на 4.363,55 поени. Технолошкиот Nasdaq Composite забележа пораст од 0,47 проценти до 14.501,91 поени.

Закрепнувањето на акциите на Волстрит е резултат на зголемениот оптимизам за договорот за зголемување на плафонот на американскиот долг. Тргувањето на глобалните берзи е разнишано од почетокот на октомври поради стравот на инвеститорите од зголемените каматни стапки и инфлацијата.

На девизните пазари, индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американската валута во однос на кошницата ривали, изнесуваше 94.226 поени, откако неодамна порасна од под 94.2 поени.

Јапонскиот јен се тргуваше по 111,41 јени за долар, зајакнувајќи малку од вчерашното ниво од над 111,6 јени.

Цените на нафтата ослабнаа во попладневното тргување во Азија, при што фјучерсите на нафтата од типот Брент паднаа за 0,52 отсто, на 80,66 долари за барел, додека американските фјучерси на нафтата WTI потонаа за 0,97 отсто, на 76,68 долари за барел.

Слични содржини