Расте бројот на жртвите во авионската несреќа: Најмладиот патник имал 3 години, а најстариот 78

од Nikola Popovski
21 прегледи

Бројот на загинати во авионот на „Jeju Air“ кој утринава се лизна од пистата, удри во ѕид и се запали на аеродромот Муан во Јужна Кореја, се искачи на 177. Најмладиот патник имал само три години, а најстариот 78.

Во авионот имало 175 патници и шест членови на екипажот. Досега се спасени само две лица – членови на екипажот. Нивната состојба не е објавена. Тие биле пронајдени во опашката на авионот, кој бил единствениот кој останал недопрен по експлозијата.

Остатокот од авионот е целосно уништен.

Повеќе од 1.570 воен, полициски и владин персонал се распоредени во Муан во јужнокорејската провинција Џеола за да ги поддржат напорите за опоравување, изјавил официјален претставник од Министерството за транспорт на земјата.

Официјалниот претставник додал дека Министерството ќе разговара со персоналот на контролната кула за да собере дополнителни информации, вклучително и дали има некакви проблеми со видливоста. Податоците за комуникациите меѓу пилотската кабина и контролната кула исто така ќе бидат разгледани, додаде официјалниот претставник.

Да потсетиме дека несреќата се случи приближно две минути откако авионот испратил повик до контролната кула, која наредила авионот да слета во спротивна насока на пистата.

Ова е најсмртоносната воздухопловна катастрофа што ја погоди Јужна Кореја од 1997 година, кога Боинг 747 на „Korean Airlines“ се урна во џунглата во Гуам. Тогаш загинаа 228 луѓе.

Слични содржини