Ратификуван Договорот за соработка во туризмот меѓу С.Македонија и Косово

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Во Собранието на Северна Македонија денеска e ратификуван Договорот за соработка во туризмот меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Република Косово, потпишан во Скопје, на 16 септември 2021 година.

Министерот за економија, Крешник Бектеши преку својот фејсбук профил соопшти дека овој Договор ќе придонесе во развојот на односите во областа на туризмот меѓу двете земји.

„Нашите земји ќе ги преземат сите неопходни мерки за промовирање и поттикнување на развојот на туристичките односи, за олеснување на туризмот со поддршка на туристичките агенции и други структури и организации кои работат во областа на туризмот“, пишува Бектеши.

Исто така, ќе се создадат поволни услови за инвестиции во областа на туризмот, како и можности за размена на искуства во областа на стручно оспособување на кадри од туристичката индустрија од други земји.

Со ратификацијата на Договорот за соработка во туризмот ќе се поттикне и реализацијата на целите на двете земји, а воедно ќе се поддржуваат и во регионалните туристички интеграции.

Овој договор, кој денеска го ратификуваше Собранието на Северна Македонија, ќе важи за период од пет години.

Слични содржини