Советот за предлагање на имињата на населбите, улиците и плоштадите со мнозинство гласови го усвои предлогот една улица во Беране, Црна Гора, да биде именувана по осудениот воен злосторник Ратко Младиќ – поранешен командант на Армијата на Република Српска, додека предлогот една од улиците да биде именувана по Павле Ѓуришиќ не добил најголема поддршка од членовите на Советот, пренесува Анадолија.
Претседателот на Советот, Горан Киковиќ, рече дека одлуката е донесена од советодавно тело, кое нема право да одлучува, но го испраќа мислењето за предлозите до надлежниот Секретаријат и дека последниот збор за доделување на имиња на улици или преименување ги прави надлежното министерство.
„Советот доби голем број предлози од институции и поединци и точно е дека меѓу нив имаше предлози една од улиците да го носи името на генералот Ратко Младиќ, а тој предлог помина, додека предлогот една улица да носи името на војводата Павле Ѓуришиќ не беше одобрен, бидејќи тројца членови гласаа за тој предлог од вкупно седум кои присуствуваа на седницата“, рече Киковиќ.
Тој оценил дека во поддржаниот предлог една од улиците во Беране да биде именувана по Ратко Младиќ, според него, „нема ништо чудно“.
„Тоа само покажува колку е сатанизиран војводата Ѓуришиќ, затоа што, на пример, предлогот една од улиците да го носи името на војводата Момчило Ѓујиќ доби поддршка од мнозинството членови на Советот“, истакнал Киковиќ.