Десет вработени во популарниот белоруски портал, чија работа беше забранета од властите, ќе останат во притвор, објави Белоруското здружение на новинари.
Тројца новинари и седум менаџери и вработени во порталот „Тут“ беа приведени во текот на ноќта во неславниот притвор во Минск за политички затвореници, познат по многу лоши услови, наведува Здружението.
Ниту еден од десетте притворени немал контакт со адвокат и нивниот правен статус не е познат.
Вчера белоруските власти ја блокираа работата на порталот „Тут“, извршија претрес во неговата редакција и домовите на неколку вработени.
Официјални лица тврдат дека порталот, еден од најпопуларните во Белорусија, ги прекршил законите за медиуми објавувајќи содржина во име на фондација која им помага на жртвите на политичката репресија, но не била регистрирана.
Властите исто така го обвинија порталот за затајување данок и отворија кривична истрага против неговите водачи, на кои им се заканува затворска казна од седум години.
Белоруската асоцијација на новинари наведува дека забраната за работа на порталот „Тут“ ќе остави милиони Белоруси без пристап до објективни информации и додава дека владата ја интензивира репресијата врз новинарите кои се противат на машинеријата на државната пропаганда.
Белоруската влада, предводена од авторитарниот претседател Александар Лукашенко, започна остра пресметка со неистомислениците кога масовните антивладини протести избија низ целата земја по претседателските избори на 9 август.
Протестите за официјалните резултати од гласањето, според кои Лукашенко доби над 80 проценти од гласовите, траеја до доаѓањето на суровата зима и покрај напорите на властите да ги задушат со апсења и репресии на демонстранти и активисти.
Повеќе од 34.000 лица се уапсени за учество во демонстрации од август, од кои илјадници биле брутално претепани од полицијата.
Независни медиуми беа мета на властите, а новинарите кои известуваа за протестот беа уапсени. Во моментов има повеќе од 20 медиумски работници зад решетки или чекаат судење или издржуваат казна.