Единици на специјалните полициски сили во Германија извршија рации во Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Бремен.
Повеќе од 1.000 полицајци и специјалци упаднаа во домови, канцеларии и компании во три германски покраини во средата рано наутро, со цел разбивање на меѓународна мрежа за перење пари, осомничена за вмешаност во финансирање тероризам, објавија германските медиуми, повикувајќи се на извори од полицијата.
Оттаму соопштиле дека рациите во Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Бремен на околу 80 различни локации биле со цел собирање докази и конфискација на нелегален имот. Уапсени се најмалку 10 осомничени.
„Операцијата е се уште во тек“, изјави портпаролот на полицијата за „ДПА“.
Истражителите со јавните обвинители во западниот град Дизелдорф минаа месеци во истрага и собирање докази против осомничени криминални групи.
Германската медиумска куќа „ВДР“ објави дека мрежата префрлила преку 100 милиони евра во Турција и Сирија преку нелегални трансакции.