Грција не може да стане порта кон Европската унија за Авганистанците кои бегаат од ескалирачкиот конфликт во својата татковина, изјави денеска грчкиот министер за миграција Нотис Митараки.
Тој повика на унифициран одговор на ЕУ на авганистанската криза, пренесува „Ројтерс“.
– Јасно кажуваме дека нема и не можеме да бидеме порта за влез во Европа за бегалците и мигрантите кои би можеле да се обидат да дојдат во Европската унија – рече Митараки за државната телевизија ЕРТ.
Министерот апелираше за заеднички одговор на ЕУ, бидејќи единството меѓу земјите -членки околу тоа дали да депортираат Авганистанци кои не добиле азил пропадна минатата недела.
Грција беше во првите редови на европската миграциска криза во 2015 година, кога речиси милион луѓе кои избегаа од конфликтите во Сирија, Ирак и Авганистан пристигнаа на грчките острови пред да отпатуваат на север во побогатите европски земји.