Ражон Рондо уапсен поради поседување дрога и оружје

од Vladimir Zorba

Двократниот шампион во Националната кошаркарска асоцијација (НБА) Ражон Рондо е уапсен во Индијана поради поседување наркотични супстанции.

Полицијата соопшти дека 37-годишниот кошаркар бил забележан како вози црна „Тесла“ во неделата попладне. Кога бил запрен на проверка, органите на прогонот почувствувале мирис на трева и при последователниот претрес покрај марихуана пронашле и разни реквизити за дрога и огнено оружје. Според полицијата, на Рондо му е „забрането да поседува огнено оружје поради издадена потерница“.

Со НБА ѕвездата се возело и младо момче, за кое се верува дека е член на неговото семејство.

Рондо е уапсен под обвинение за поседување марихуана и поседување огнено оружје. Тој беше одведен во затворот во округот Џексон и ослободен откако платил кауција. Првичниот датум за појавување во Судот на округот Џексон ќе биде одреден наскоро, соопштиле од полицискиот оддел.

Рондо (37) е четирикратен НБА ол-стар, во својата 16-годишна кариера беше член на девет екипи и им помогна на Лос Анџелес Лејкерс да ја освојат титулата во 2020 година. Претходно со Бостон Селтикс ги победи Лејкерси во финалето во 2008 година, но претрпе пораз од истиот противник во борбата за титулата во 2010 година.

Тој исто така играше за Лос Анџелес Клиперс во текот на сезоната 2021-2022 пред да се врати во Лејкерс за неговата последна НБА кампања.

Слични содржини