Разобличување (или за вистинските лица и целите на политикантите)

од Vladimir Zorba

Нели ти реков дека треба веднаш, уште вчера да си заминеш Христијан? Да ти реков и останав на тоа и во неколку наврати те повикував да заминеш, да ја оставиш ВМРО-ДПМНЕ на нејзините членови, да престанеш да се нарекуваш претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ти и твоето клиентелистичко и супер-полтронско раководство ја де-факторизиравте ВМРО-ДПМНЕ.

Се ти беше кажано, но ти мораше да ја спроведеш до крај задачата која ја доби од Заев и која ја спроведуваше во рамки на коалицијата ЗММ која сега стана коалиција ЗМ само со божем нови ликови во СДС-криминално и анационално. Божем нови ликови кои треба да го изиграат последниот чин на театарската политикантска сцена во Македонија, чиј сценарио и режија е на соседните разузнавачки служби, во реализација на Заев и од него октроираниот Ковачевски преку кого се уште владее. Тој владее и преку тебе Христијан, бидејќи ти и твоето опкружување божем го уривавте Ковачевски и криминалната организација СДС, а всушност сте измамници и нивни соучесници. Всушност ти не правиш ништо и тоа барем мене одамна ми е јасно и видливо. Ти ја уништуваш ВМРО-ДПМНЕ, а со неа и синонимот на ВМРО како државотворен и национален код на Македонецот.

Еве пробај да објасниш, а знам дека нема да објасниш ќе се криеш и ќе кажуваш флоскули, како успеа само десет месеци по довербата која на локалните избори 2021 година ти ја дадоа граѓаните на Македонија, ти да ги изгубиш изборите во Маврово-Ростуше, а во Тетово да остане status quo во советнички места и покрај1400 гласа разлика во полза на ВМРО-ДПМНЕ?

Јас знам зошто тоа се случи и убаво ти напишав во колумната насловена како „HICK RODOS, HICK SALTA“, што тоа очекуваат македонските граѓани од тебе, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците и како и поради кои причини граѓаните дадоа доверба на ВМРО-ДПМНЕ и на тебе лично. Но не, ти се заинтересира само за подготовка на кредити и тендери поради кои градоначалниците во иднина ќе бидат на удар, бидејќи кога-тогаш законите ќе мора да се спроведат. А законот не познава ниту политичка ниту родова, ниту пак национална припадност, едноставно познава само и исклучиво негово спроведување. При вакво предавничко СДС криминално ти се занимаваш единствено со твојот внатрепартиски политички опстанок, а не се занимаваш со политичка мобилизација на македонските граѓани во масовна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога во минатата колумна ти напишав дека проблемот си ти и еден грст клиентелисти околу тебе, ти ми ги пушти ботовите и „корисните идиоти“ да војуваат со мене. Сега кого ќе пуштиш во недостиг на лична политичка одговорност и човечка храброст да се соочиш со сопствените политички грешки кои најголема штета предизвикаа и предизвикуваат врз ВМРО-ДПМНЕ и Македонија? Никој од твоите клиентелисти нема да има храброст со факти да зборува во твоја одбрана. Едно што нема факти со кои може да те оправдаат, бидејќи истите зборуваат за твојата неспособност да ја водиш партијата, второ што од авион се гледа дека намерно ја уништуваш ВМРО-ДПМНЕ и пустите од страв да не ги изгубат личните интереси нема да смеат тоа ни во сон да го помислат, а не пак кажат, а трето што немаат храброст да излезат во јавност, туку само пред тебе клатат со глава (како волови на јасли) и те фалат велејќи ти: „да шефе, тебе ти е на…..м ….“. И толку за твоето опкружување со кое мислиш дека ја владееш ВМРО-ДПМНЕ.

За мене позначајно е да објасниш со што те доведе во послушност Заев? За колку те купи и со што те држи за секогаш да му дозволуваш за малку да се извлече, а тоа сигурно не е во режија на нашите стратешки и други партнери? Тоа го знам со сигурност, бидејќи сум сигурен дека тие не поддржуваат тендероманија, плутократија, криминал и неспроведување на законите.

Ова е само ваш договор втемелен врз лукративни цели, но со катастрофални последици врз Македонија и македонската нација и секако уништувачки за ВМРО-ДПМНЕ. Затоа си одговорен и виновен пред историјата и македонската нација, како и пред членството на партијата. Сигурно не е возможно дека не гледаш како пред твои очи една странска служба цврсто во прегратките го држи Заев и го остава да владее преку Ковачевски. Не е возможно покрај куп „безбедносни експерти“ во твоето опкружување да не гледаш како Ковачевски си оди на „баци рака“ кај Партениј Антански (кој стана владика токму на Петровден 2020 благодарение на Заев). Токму тогаш Ковачевски „заради избори“ на двапати го посетува Бигорскиот манастир. Па нели Црквата е одвоена од државата или тоа по потреба на нарачателот – режисерот се случи.

Сето ова ти мирно си го гледаш, ја праќаш твојата Гордана (со импакт фактор = 0) да разговара со Партениј. Дал да се смеам или да плачам на тоа што го правиш Христијан. Глумата добро си ја извежбал, па дури и користењето на корисните идиоти, до степен на бескрупулозност правејќи ги циркузанти во јавноста.

Но, за тие што сакаат да гледаат многу си провиден, неспособен и компромитиран. Едноставно, токму кога не требаше, токму кога повторно СДС криминално (со твоја поддршка) распродава органи од телото на Македонија, токму кога сме во ужасна економска и секаква друга состојба, ти и само ти и твојата булумента клиентелисти му давате гума за спасување на СДС-криминално.

СДС – криминално на локалните избори во Маврово-Ростуше и во Тетово доби можност за одржување на не одржливата сопствена власт. Во Тетово каде се сконцентрира целата сила и какво-такво раководство, ВМРО-ДПМНЕ доби исти број на советници како и во 2021 година, но добивме и 700 гласови помалку или за 2600 гласа помалку од 2017 година. Ова не е за фалење Христијан, туку ова се егзактни или „математички прецизни“ показатели за нивото на кое ја доведе партијата последниве пет години. Подобар ПР на Ковачевски не можеше да му направиш и поголемо понижување во моментов на ВМРО-ДПМНЕ не можеше да му приредиш, бидејќи нормално е СДС криминално да губи гласови, но не е нормално тоа да му се случува на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа „победа“ на СДС криминално се должи пред се на твојата неспособност и уништување на партиската инфраструктура, на изгубената доверба на членството кон партијата, апатијата и недовербата на граѓаните во политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои ти секојдневно ги олицетворуваш. Доколку не ти е јасно, тоа значи дека тебе и на оваа раководство не им веруваат, погледни ги само бројките и падот на гласови за само десет месеци. Жалам што моите сопартијци од Маврово-Ростуше и Тетово поради тебе мораат да трпат порази (кои ти ги прогласуваш за победи) за кои не се виновни и покрај нивната пожртвуваност.

Решението е многу едноставно, а тоа е да си заминеш од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Еве ти помагам да го направиш тој мал чекор за тебе, но многу голем и значаен за ВМРО-ДПМНЕ, најпрво со твоја демистификација (разоткривање), за да не се мачиш да објаснуваш, а членството да разбере што всушност и правиш на партијата и ним. Замини си тивко и незабележливо како што и те донесоа. Рокот на употреба ти заврши. Јас знам дека сега и СДС криминално и Ковачевски ќе се обидат на секој начин да те сочуваат, бидејќи само и само доколку си ти на чело на ВМРО-ДПМНЕ, тие СДС криминално, ќе бидат сигурни дека повторно ќе направат влада 2024 година, без разлика дали ќе имаме повеќе гласови од нив. Со тебе им е се лесно и договорено. Но, не си во прашање ти и не си ти или било кој од твоето раководство важен. Важна е Македонија како наша држава, важно е ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила, важно е ВМРО како синоним на македонската државност и нација.

Иако ти се обраќам, тоа не значи дека ти сето ова не го знаеш. Напротив, ти си соучесник и соработник на Заев во вашата коалиција ЗММ (за што има безброј непобитни докази). Ова го пишувам заради твое разобличување во очите на сите оние кои сеуште од лојалност кон каузата која ти прв ја предаде-истргува (а потоа и сите оние во твоето раководство), каузата на ВМРО-ДПМНЕ, веруваат и слепо ги следат твоите политики, кои се смртоносни токму за каузата. Знам дека сите оние кои мислат дека „претседателот“ е партијата нема да разберат за што глаголам. Сепак тоа е личносна матрица, а некои од нив тоа го прават од лични најмногу лукративни причини, бидејќи се свесни дека да не си ти ниту тие нема да бидат, бидејќи не поседуваат никакви квалитети и квалификации за партиските функции на кои си ги насадил или ги плаќаш. Порано или подоцна, а мислам дека многу бргу ќе треба да се соочиш со здравомислечките, капацитетни и чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ кои преку оваа моја колумна, но пред се поради непобитните факти и траги на злосторот врз Македонија и ВМРО-ДПМНЕ кои ги оставаш зад себе потполно ќе те разобличат. Тоа соочување нема да биде пријатно.

Затоа Христијан, по „победа“ на локално ниво (бидејќи таков ПР ќе тераш) што е индикатор за општествената позиција и доверба која ја има партијата со тебе на чело (иако пласираш рејтинзи страотно добри за тебе и партијата), најдобро решение за тебе е веднаш да си заминеш од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Да си поднесеш веднаш оставка, да не чекаш да ти ја верифицира Извршниот комитет, туку да предложиш правната и статутарната комисија на партијата да направат измени на Статутот на партијата преку кои ќе се промени составот на делегатите и по друг изборен модел ќе се одржат вонредни избори за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е она што најмногу можеш да го направиш за да не ни го губиш времето ниту нам во ВМРО-ДПМНЕ ниту на Македонија давајќи можност на СДС-криминално и Ковачевски да распродаваат се што можат и недај боже повторно да бидат власт по 2024 година.

И секако да не заборавам. Престани да ги лажеш лековерните членови дека само што не се одржале предвремени парламентарни избори (нели требаше во Февруари, па во Април, па во Јуни, па во Септември …., сега веројатно ги мамиш за Декември), па дури и дека ќе има експертска влада. Кажав и пак ќе кажам. Не дава избори Заев, пардон, Ковачевски, а со нив и Али се до 2024 година. Со тебе на чело на ВМРО-ДПМНЕ овие тројца ќе бидат убедени дека ќе останат власт. Во тебе се сигурни, со тебе се договорени и супер си одработуваш. Кога ќе дојде некој друг на чело на ВМРО-ДПМНЕ и не е од твоето раководство, нема да имаат договор. Тогаш со сигурност ќе изгубат, ќе си одат во опозиција, а законот ќе си дојде по своето.

Со нетрпение ги чекам тие два моменти. Најпрво кога ти ќе си заминеш од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ и потоа кога законот ќе си дојде по свое.

Дедо Герасиме па каде си ти, одамна те нема?

Внучко знаеш дека немам време да ја следам прозаичната македонска сатира, но мене ми се чини дека овој твој пријател, Крсто како го викаш, е некоја покондирена тиква с’што като братјата Б’лгари. Постојано на погрешната страна на историјата!

На денот на Св.Емилијан исповедник епископ Кизички

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини