Ако дополнителниот технички назначен заменик-министер Кирацовски подобро го прочита членот 2 од Изборниот законик и ако има било какво познавање на законските прописи и законскиот статус на правните лица, ќе види дека вработените во пионерските домови, работничките универзитети и јавните претпријатија никогаш не биле дел од изборната администрација. Тоа значи дека овие лица ниту некогаш претходно ниту пак сега ќе бидат дел од листата која и е потребна на Државната изборна комисија.
Дополнително, ако дополнителниот технички назначен заменик-министер Кирацовски подобро го прочита членот 32 од Изборниот законик ќе види дека никаде не пишува дека до Државната изборна комисија се доставува целиот Регистар на вработените во јавниот сектор. На Државната изборна комисија, во моментот кога тоа ќе го побара, Министерството за информатичко општество и администрација ќе и достави листа со вработените во оние институции кои според Изборниот законик ја сочинуваат изборната администрација.
Но незнаењето, лагите и манипулациите на Кирацовски немаат крај… И кога зборува за бројот на вработените Кирацовски очигледно нема поим дека од 13.02.2015 година до денес нема ниту едно вработување на неопределено време во јавниот сектор, а дека во меѓувреме се пензионираат луѓе и си одат од работа и дека тоа е логичната причина поради која се намалува бројот на вработените. Точниот број на вработени е 127.139 лица и Кирацовски на сила и со партиски прес конференции не може ниту да го зголеми ниту да го намали. Токму заради поголема транспарентност и зголемување на довербата во податоците кои Министерството ги поседува, беше воспоставен сервисот за проверка на записи во базата на вработени во јавниот сектор https://proverkaregistar.hrm.gov.mk/ и во текот на скоро еден цел месец ниту еден вработен нема укажано дека за него недостасуваат податоци во базата.
Но освен што манипулира, Александар Кирацовски на денешната прес конференција пропушти да одговори дали и кога институциите со кои раководат кадри од СДСМ имаат донесено акти за внатрешна организација и за систематизација и дали овие институции ги внеле податоците во Регистарот. Го повикуваме да не го избегнува одговорот на овие прашања и лично да се заложи за нивна поголема ажурност во обврските кон Министерството.
