Реакција од Министерството за правда на Судскиот совет во однос на судијката Снежана Манев

од Radmila Tasevska
335 прегледи

Министерството за правда изненадено прашува од кои причини по јавно усвоен извештај од ваша страна на 13.03.2023 година, место да  преземате соодветни  мерки, Вие, после толку месеци правите дополнителен извештај (23.06.2023) каде самите се демантирате со првиот извештај воведувајќи нова пракса, за во иднина, носители на функции (претседател на суд) да постапуваат несоодветно и спротивно на законот и етичкиот кодекс и да имаат можност да „поправат“, стои во реакцијата од Министерството за правда во однос на Судскиот совет за кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, тврдејќи дека судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага.

Според Министерството за правда, со ова се остава простор за секаков вид на влијание.

– Со оваа воведена пракса од усвоен извештај, наместо да казнувате според веќе констатираните  состојби, Вие со дополнителен извештај после шест месеци, несовесно работење на носител на функција (претседател на суд) оставате  простор и можност да се врши секаков вид на влијание,  притисок и мобинг дозволувајќи да се менуваат веќе дадените искази/факти, велат оттаму.

Од Министерството за правда дополнуваат дека не би сакале да се сомневаат во постапувањето на Судскиот совет.

– Не би сакале  да се сомневаме во вашето постапување, дозволувајќи му на судија кој треба да решава за судбини на граѓани а не е способен да го положи психолошкиот тест и тест за интегритет,  да биде судија а најмалку тој да раководи со позицијата претседател на суд. Прашуваме, со кој кредибилитет и интегритет се дозволува повторно полагање, кога еден од условите за влез во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители е положен тест за интегритет и психолошки тест, кој е елиминаторен, се подвлекува во реакцијата од Министерството за правда.

Реакцијата од Министерството за правда следува по реакцијата на Судскиот совет на дописот од министерот за правда, Кренар Лога, со кој се бара Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето дадено од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-Скопје, за судијката Манев повторно да има право да полага психолошки тест за личност и тест за интегритет.

Судскиот совет реагираше на изјавата на министерот за правда, Кренар Лога, оценувајќи дека ова прашање е во надлежност на Институтот.

Слични содржини